Дали при обдукциите е направена токсиколошка анализа за цијанид и други отровни гасови во телата на починатите деца, прашуваат родителите од Кочани
Родителите на загинатите во пожарот во Кочани се сомневаат во токсиколошките анализи при обдукцијата. Тие сметаат дека се потребни дополнителни вештачења. Ова следува откако Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави ново истражување и објави детали од обдукциските наоди, кои според нив, откриваат дека 50-те жртви кои се водат како починати од јаглерод диоксид, всушност е возможно да починале од труење со цијановодород што се ослободува кога гори полиуретански сунѓер.

„Иако во одговорот од Основното јавно обвинителство се наведува дека вештачењата на Институтот за хемија и анализите на МВР–ОФИ ја потврдиле веројатноста за испуштање на цијанидни гасови како последица на согорувањето на материјалите во клубот, клучното прашање останува неодговорено:
Дали при обдукциите е направена конкретна токсиколошка анализа за цијанид и други отровни гасови во телата на починатите деца?
-Во обдукциските наоди како причина за смрт е наведено задушување од јаглерод моноксид. Меѓутоа, во самиот обдукциски налог јасно е наведено дека од телата се земени крв и урина за одредување на јаглерод моноксид, како и за токсиколошка анализа, при што изрично стои дека останатите токсиколошки анализи ќе бидат дополнително доставени.
До денес, овие дополнителни резултати не се доставени до семејствата, ниту се содржани во конечните обдукциски наоди. Ова отвора сериозен сомнеж дека заклучокот за причината на смрт е донесен без комплетна и насочена токсиколошка анализа, особено ако се има предвид дека водородниот цијанид не се детектира рутински и бара посебно, специфично испитување. Брзо се метаболизира → ако не се бара веднаш, се губи можноста“, стои во соопштението на „Здружение на граѓани 16 март 2025“.
Здружението „16-ти Март 2025“ смета дека обдукциските наоди се нецелосни и најавува можност за правно оспорување на заклучоците. Тие инсистираат на дополнително или независно вештачење за да се утврди дали децата навистина починале од отровни гасови кои не биле соодветно анализирани во телата на жртвите.
„Сѐ додека не се објават резултатите од сите дополнителни анализи, не може со сигурност да се тврди дека причината за смрт е целосно утврдена. Ова е неопходно во интерес на правдата и достоинството на починатите“, стои во соопштението на здружението.






