Во Италија уапсени девет лица за финансирање на Хамас преку добротворни организации

Италијанските власти уапсија девет лица поврзани со три добротворни организации под сомнение дека собрале милиони евра средства за палестинската милитантна група Хамас, соопштија денеска обвинителите за антитероризам.

Осомничените се обвинети дека испратиле околу седум милиони евра до „здруженија со седиште во Газа, на палестинските територии или во Израел, кои се во сопственост, контролирани или поврзани со Хамас“, се наведува во соопштението.

 

Меѓу уапсените е и Мохамад Ханун, претседателот на Палестинското здружение во Италија, соопштија обвинителите, опишувајќи го како „шеф на италијанската ќелија на организацијата Хамас“.

 

Европската унија го стави Хамас на списокот на терористички организации.

 

Според италијанските обвинители кои во истрагата соработувале со други земји од ЕУ, нелегалните средства биле доставени преку „триангулациски операции“ преку банкарски трансфери или преку организации со седиште во странство до здруженија со седиште во Газа, кои Израел ги прогласи за нелегални поради нивните врски со Хамас.

Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Пјантедози, напиша на мрежата X дека операцијата „го отстранила превезот од однесувањето или активностите кои, под изговор на иницијативи во корист на палестинското население, криеле поддршка или учество во терористички организации“

фото:ЕПА

Back to top button
Close