Зеленски доби поддршка од сојузниците пред средбата со Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во пресрет на неговата средба со американскиот претседател Доналд Трамп, доби гаранции за поддршка од лидерите на западните земји.

Зеленски одржа видеоповик со лидерите на речиси десет европски држави и Канада, како и со високи претставници на Европската комисија и НАТО.

Во разговорите со Зеленски учествуваа и челниците на Европската унија, Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта, кои ветија дека поддршката на ЕУ за Украина нема да ослабне.

-Ги поздравуваме сите напори насочени кон нашата заедничка цел – праведен и траен мир кој ќе го зачува украинскиот суверенитет и територијалниот интегритет – порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на платформата X.

Таа додаде дека тоа ја зајакнува безбедноста и одбранбените капацитети на Украина, како составен дел од безбедноста на целиот европски континент.

-Во 2026 година, Европската комисија ќе продолжи да врши притисок врз Кремљ, да ја задржи поддршката за Украина и интензивно да работи на придружување на Украина на нејзиниот пат кон членство во ЕУ – истакна фон дер Лајен.

Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет кој ги претставува 27-те земји членки на Унијата, исто така вети континуирана поддршка за Украина, наведувајќи: „Поддршката на ЕУ за Украина нема да ослабне. Во војна, во мир и во обнова“.

Портпарол на германската влада изјави дека европските лидери во разговорите му дале на Зеленски „целосна поддршка и ја нагласиле својата посветеност да продолжат со тесна соработка со САД за постигнување одржлив и праведен мир во Украина“.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Европејците мора целосно да бидат вклучени во дискусиите кои директно ги засегаат, соопштија претставници од Елисејската палата.

Back to top button
Close