Сиљановска-Давкова во честитката за Новата година се наврати на трагедијата во Кочани и порача да се обезбеди правда

Посакувам Новата година да биде време на исчекор кон траен светски мир, потпрен на меѓународното право и на меѓународните институции, сакам ние да се вдомиме во Европската Унија, решени да живееме во амбиент на владеење на правото, демократија, економски просперитет и здрава животна средина, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во честитката за Новата 2026 година.

– Лично, секому од вас, му посакувам Нова година каква што најмногу сака! Среќна Нова 2026 година, сакани деца, среќна Нова година почитувани млади, среќна Нова година почитувани граѓани, порача таа.

 

Во својата новогодишна честитка, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се наврати на главните обележја на годината што изминува, оценувајќи ја 2025 како година исполнета со промени на меѓународната сцена и значајни процеси во земјата.

 

Таа потенцира дека светот ќе ја памети годината по драматичните промени во меѓународниот поредок, незамисливите војни со бројни човечки жртви, забрзаната милитаризација, како и по растечките климатски, еколошки и енергетски кризи. Според неа, дополнителен предизвик претставувале маргинализираните меѓународни институции и суспендираното меѓународното право.

 

Осврнувајќи се на надворешната политика, претседателката истакна дека земјата се водела согласно европските безбедносни и политички стандарди, позиционирајќи се како „видлив и почитуван актер“ на меѓународната сцена. Во поглед на евроинтеграциите, како што наведе, фокусот во текот на 2025 година бил ставен на исполнување на Копенхашките критериуми.

 

На домашен план, Сиљановска-Давкова ја оцени 2025 како година на почеток на клучни процеси.

 

– Дома, 2025-та беше година на почеток на реформи во правосудството, отворање битка со корупцијата и криминалот, креирање национална развојна стратегија, воспоставување нови стратешки партнерства во функција на економски и други реформи, инфраструктурна офанзива, долгорочно решавање на енергетското прашање, системско решавање на соработката со дијаспората, рече Сиљановска-Давкова.

 

Како најтежок момент за сите граѓани, претседателката ја посочи трагедијата во Кочани, нагласувајќи дека оваа болка ќе остане присутна засекогаш. Таа порача дека обврска на државата и општеството е да не ги заборават семејствата на загинатите и повредените, но и да се обезбеди правда.

-Нивната немерлива жртва мора да нè направи подобри луѓе, како и да создаде политички и правен систем што нема да дозволи нови невини жртви“, истакна претседателката во својата порака, порача таа.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close