Врнежи од снег на повеќе места, забрана за камиони на патот Струга- ГП „Ќафасан“

Поради врнежи од снег утрово во 05.15 часот е воведена забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Струга – ГП „Ќафасан“.

АМСМ соопшти дека сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево, Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од 10:00 часот на ГП Ники (ГП Меџитлија) ќе има забрана за движење на товарни возила која ќе трае во наредните 48 часа заклучно со 10 јануари во 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила ќе се одвива со нормален тек.

ЈП „Македонијапат“ ноќеска во 01.00 часот информираше дека на магистралниот патен правец А3 Битола – Ресен на самиот влез на градот Ресен поради обилни врнежи од дожд и можно излевање на Голема Река на учесниците во сообраќајот им се се препорачува крајно внимателно управување со возилата и прилагодување на брзината спрема условите на патот. Исто така на патниот правец Р1307 Царев Двор – Стење поради обилните врнежи од дожд и можно излевање на локалните реки се препорачува крајно внимателно управување со возилата и прилагодување на брзината спрема условите на патот.

 

Во сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево

Back to top button
Close