„Напуштете го Иран веднаш“: САД со итен апел до своите државјани!
Американското претставништво за Иран упати итен апел до американските државјани веднаш да ја напуштат земјата, предупредувајќи дека безбедносната состојба се влошува и дека немирите во повеќе делови од Иран продолжуваат да ескалираат.

Во соопштението се наведува дека граѓаните треба да заминат без да очекуваат помош од американската влада, а доколку тоа не е можно, да најдат безбедно засолниште. Се предупредува и на можни прекини на интернетот и телекомуникациите, при што како една од опциите се препорачува, доколку е безбедно, напуштање на земјата по копнен пат преку Ерменија или Турција.
Американските власти дополнително нагласуваат дека двојните државјани на САД и Иран мора да патуваат со ирански пасоши, како и дека поседувањето американска патна исправа може да биде доволна причина за приведување.
Предупредувањето доаѓа во услови на засилени тензии меѓу Вашингтон и Техеран. Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна најави воведување царина од 25 отсто за сите земји што соработуваат со Иран, како дел од поширокиот притисок врз иранските власти поради насилното задушување на антивладините протести.
Иако Трамп во повеќе наврати изјави дека не сака војна со Иран, американските власти потврдија дека се разгледуваат различни сценарија, вклучително и воени опции, доколку состојбата дополнително се влоши. Во исто време, официјален Вашингтон наведува дека сè уште постои подготвеност за дипломатски разговори со иранските власти.






