Кирјас: И без вето, не сме подготвени за преговори со ЕУ
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека во Брисел е препознаена злоупотребата на ветото од страна на поединечни земји членки и дека Северна Македонија веќе исполнува дел од условите за вклучување во моделот на постепена интеграција.

Но, геополитичкиот аналитичар и потпретседател на Либералната интернационала, Емил Кирјас во разговор за ДВ (целото интервју можете да го прочитате тука) предупредува дека домашната дебата е премногу насочена кон надворешните пречки, а недоволно кон реформите кои државата треба да ги спроведе.
„Не смееме да бидеме пасивни и да молчиме, туку мора постојано да се даваат идеи, да се размислува, да се биде креативен и да се инсистира на решенија, а не постојано да се живее во светот на поплаки, жалење и изјави дека неправдата е кон нас или дека некој не нè разбира“, вели Кирјас за ДВ.
Тој потсетува дека идејата за постепена интеграција на земјите од Западен Балкан ја застапувал уште пред повеќе од осум години, а денес нејзините основни принципи се дел и од европските политики.
„По повеќе од осум и пол години откако го изложив предлогот за забрзано и постепено пристапување на земјите од Западниот Балкан пред европските либерали, чувствувам задоволство што Европската комисија конечно препозна дека суштината на тој концепт треба да се преземе и да се предложи како официјална политика на Унијата“, вели Кирјас.
Според него, сепак, денешниот геополитички контекст значително се разликува од оној во 2018 година.
„Живееме во свет во кој доминира ривалството и натпреварот меѓу големите сили, а не соработката. Во такви услови очекував Европската комисија да биде многу посмела во своите препораки, а не само ретроактивно да валоризира идеи предложени пред речиси една деценија“, оценува тој.
Признание за проблемите во функционирањето на ЕУ
Кирјас смета дека еден од најзначајните делови од документот на Европската комисија е предлогот за користење квалификувано мнозинство при отворањето и затворањето на преговарачките кластери. Според него, тоа претставува признание дека сегашниот систем на одлучување во Унијата создава сериозни проблеми.
„Предлогот за премин кон квалификувано мнозинство во повеќе области, меѓу кои и отворањето и затворањето на преговарачките кластери и поглавја, е директно признание дека Унијата е нефункционална и неподготвена за предизвиците на новиот свет“, вели Кирјас за ДВ.
Тој смета дека Европската комисија укажува на поширок проблем, односно дека без институционални реформи и без промени во начинот на носење одлуки, ЕУ ризикува да стане помалку влијателен глобален актер. Воедно, Кирјас оценува дека Брисел можел да предложи и поамбициозни решенија за проширувањето, со поголемо и побрзо вклучување на земјите кандидати во европските политики.
Кластерот „Темели“ е суштинскиот услов
Најголемите забелешки Кирјас ги упатува кон толкувањата дека земјата е блиску доисполнување на условите за постепена интеграција.
„Тоа е малициозен и лажен наратив според кој кај нас сѐ е совршено, а седиме блокирани само поради неправда. Не е така“, вели тој.
Според Кирјас, документот на Европската комисија недвосмислено покажува дека главниот услов за каква било форма на интеграција останува Кластерот 1, односно „Темели“.
„Народски кажано, сѐ додека не ги процесуирате и осудувате криминалците, особено оние на високи функции, заборавете и на ЕУ и на фазна интеграција. Тоа е условот без кој не се може. Тоа е Кластер 1, а не Кластер 5 каде што се јавните набавки“, нагласува Кирјас.
Тој додава дека токму во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата и ефикасноста на институциите Северна Македонија има најслаби резултати.
„А, токму во Кластерот 1, според сите извештаи за Реформската агенда и Планот за раст, С. Македонија има најлоши перформанси, неисполнети обврски, неказнивост, институционална стерилност и неправда. Џабе ни е напредокот во дигитализацијата кога фундаментите ни се срушени“, вели Кирјас.
Како особено важен сегмент од предлозите на Европската комисија тој го издвојува и проширувањето на надлежностите на Канцеларијата на Европскиот јавен обвинител (EPPO). „Тоа е клучно за реална борба против корупцијата и е повеќе од индикативно зошто овој момент воопшто не беше споменат ниту поздравен од домашните власти“, оценува тој.

Политички маркетинг наместо подготовка за преговори
Кирјас смета дека фокусот на официјално Скопје е ставен повеќе на политички пораки за домашната јавност отколку на суштинска подготовка за европскиот процес. Дури и доколку дојде до неочекуван пресврт во Брисел и Советот на ЕУ го прифати предлогот на Европската комисија, според него, Северна Македонија нема институционален капацитет веднаш да влезе во новата фаза од процесот.
„Да претпоставиме дека на 15 октомври Советот на ЕУ ќе направи неочекуван пресврт и ќе го усвои документот на Комисијата. Дали Македонија следниот ден може да ги започне преговорите по кластери? Не. Немаме формирано преговарачки тимови, немаме главен преговарач, се наоѓаме во целосна институционална хибернација“, оценува Кирјас.
Тој додава дека ваквата состојба не е случајна и дека треба да се гледа во контекст на пораките кои доаѓаат од дел од државните функционери поврзани со евроинтеграциите.
„И тоа не треба да нѐ изненадува кога еден од клучните функционери за евроинтеграциите јавно соопшти дека не очекува С. Македонија да стане членка во следните десет години, а евентуално само Црна Гора би можела. Сите официјални изјави на власта мора да се гледаат низ оваа поразителна диоптрија“, вели Кирјас.
Аналитичарот смета дека концептот на фазна интеграција треба да биде надополнет и со конкретни придобивки за граѓаните и стопанството. „Лично би инсистирал во концептот на фазно пристапување задолжително да се вклучи и влезот во Шенген-зоната, по примерот на Исланд, Норвешка и Швајцарија кои не се членки на ЕУ, но се дел од Шенген. Тоа е од витално значење и за македонските граѓани и за бизнис-секторот“, наведува тој.
Осврнувајќи се на очекувањата од состанокот на Советот на ЕУ, Кирјас не верува дека земјите членки лесно ќе се откажат од правото на консензус. „Поради контроверзноста на прашањето за напуштање на консензусот, не очекувам Советот на ЕУ да го усвои овој документ на Комисијата“, оценува тој.
Според Кирјас, предизборната атмосфера во Бугарија дополнително ги намалува шансите за каква било промена на позициите поврзани со ветото, додека и други земји членки покажуваат подготвеност да користат билатерални прашања во процесот на проширување.
Затоа, како поверојатно сценарио го гледа повторното одложување на одлуката.
„Многу поверојатно е дека, во класичен бриселски стил, Советот ќе се наврати на прашањето на следниот самит во декември, кога или ќе има обид за одлука за квалификувано мнозинство или предметот ќе биде ставен ad acta пред изборните циклуси идната година“, вели Кирјас.(dw)






