ДУИ: На влезот на мегапаркот во општина Бутел сега има натпис и на албански јазик – граѓани го исправија она што институциите го игнорираа

Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) утрово на прес-конференција пред мегапаркот во општина Бутел соопшти дека на влезната табла од паркот, покрај на македонски, е поставен натпис и на албански јазик.

 

Потсетувајќи на јавната дебата што настана во врска со отсуството на натпис на албански на името на паркот – „Бутелска оаза“, претставникот на ДУИ посочи дека тој не е поставен од страна на општинските власти или Град Скопје, туку од граѓани, а со цел да се исполни законската обврска.

Од партијата наведоа дека за ова прашање досега реагирале преку медиумите, социјалните мрежи, седниците на Советот на Општина Бутел, но и со барања упатени до Инпекторатот за употреба на јазииците. Сепак, и покрај тоа, велат, надлежните институции не одговориле на нивните укажувања за почитување на Законот за употреба на јазиците.

„Затоа, граѓаните одлучија да преземат конкретен чекор: на таблата на мегапаркот во Бутел да го постават и натписот на албански јазик. Со овој чин не само што се исполнува законска обврска, туку истовремено се овозможува албанските граѓани во овој јавен простор да читаат и на својот мајчин јазик, што за нив претставува и гордост“,

 

рекоа интегративците.

Она што го направиле граѓаните, посочија од партијата, требало да го направат од Општина Бутел и Градот Скопје.

 

„И тука се поставува едно едноставно прашање: Зошто требаше да се создаде целата оваа ситуација? Зошто требаше да се дојде до ваков чекор, кога сè можеше да се реши на наједноставен институционален начин, без поттикнување поделби, без дискриминација и без повредување на чувствата на кој било граѓанин?“,рекоа од партијата.

Велат оти се убедени дека почитувањето на албанскиот јазик никому не му одзема ништо, туку напротив, на сите им го дава она што им припаѓа и истовремено докажува дека соживотот се гради врз основа на еднаквост, почитување и спроведување на законите.

Од ДУИ нагласија дека поставувањето на натписот на албански јазик е во согласност со законот и во тој контекст побараа одговорност од институциите и од надлежните лица за нивното непостапување.

 

„Во оваа пригода потсетуваме на член 1 став 3 од Законот за употреба на јазиците, со кој се утврдува дека во единиците на локалната самоуправа, јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик“,рекоа од ДУИ на прес-конференцијата.

Дополнително, од партијата посочија и на членот 16 од Законот, според кој, како што беше наведено, предвидува употреба на двата јазика при именувањето на улиците, плоштадите, парковите, мостовите и другите инфраструктурни објекти во дел од општините.

Интегративците ги прозваа градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, наведувајќи дека таблата со натпис на македонски и албански јазик требало да биде поставена уште од самиот почеток.

„Ова е таблата што ги почитува законот, еднаквоста и граѓаните. А не онаа што вие ја поставивте и промовиравте, заобиколувајќи го албанскиот јазик. Земете ја оваа табла како пример за сите ваши идни постапки бидејќи почитувањето на албанскиот јазик е законска обврска. Почитта не се докажува со зборови, туку со дела. Вака се докажува почитта кон соживотот, Дарко!“,порачаа од ДУИ на прес-конференцијата.

 

Back to top button
Close