Радев го врачи вториот мандат за состав на бугарска влада, ПП-ДБ го врати нереализиран
Коалицијата „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) денеска го врати мандатот за состав на влада, и тоа веднаш откога го доби од претседателот на државата, Румен Радев.

Надежда Јорданова од ПП-ДБ го врати мандатот веднаш откога Радев ѝ го врачи во претседателската палата на „Дондуков“ 2.
Претходно неделава, и Росен Жељазков, како кандидат за премиер од ГЕРБ-СДС, исто така веднаш го врати неисполнет првиот мандат по неговото примање. Од коалицијата ПП-ДБ уште минатата недела најавија дека нема да прават обиди за формирање влада и дека ќе го вратат мандатот во моментот на добивањето.
Во согласност со Уставот, претседателот Радев сега треба да го додели третиот и последен мандат на некоја од другите парламентарни групи за да посочи кандидат за премиер.
Според бугарскиот Устав, доколку првиот мандатар не предложи состав на министерски совет во рок од седум дена, претседателот го доверува мандатот на втората по големина група, а доколку и тоа не успее, тогаш на трета партија по негов избор. Доколку не се постигне согласност, се назначува преодна влада и се закажуваат нови избори во рок од два месеца.
Речиси сите партии во парламентот, вклучувајќи ги „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“, „Преродба“, „ДПС – Нов почеток“, БСП и другите помали формации, веќе се изјаснија дека нови избори се единственото решение. Некои од партиите дури го нарекоа сегашниот состав на Собранието „апсолутно нелегитимен“. Ова ќе бидат осми по ред парламентарни избори во Бугарија од 2021 година наваму.






