Видео: Две жртви во невремето во Грција

Припадник на крајбрежната служба на Грција во градот Астрос на Пелопонез и жена во атинската населба Глифада ги загубија животите во силното невреме што од рано утрово зафати делови од Грција, а противпожарната служба примила над 600 повици за помош, јави дописничката на МИА од Атина.
Доцна вечерва во Атина, животот го загуби жена која додека се движела пеш била повлечена од поројната вода на поплавена улица, додека пак претходно, на Пелопонез загина припадник на крајбрежната служба додека бил на должност на пристаништето во Астрос и поради силниот ветер и брановите паднал во море.
Областа Атика поширокиот регион на Атина, од попладнево е зафатена од силно невреме, а поради обилните врнежи од дожд поплавени се неколку улици и централни булевари и сообраќајот е во прекин.
Најпогодени се западните и јужните предградија и населби на Атика, а од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до жителите на две предградија да се евакуираат поради излевање на потокот што е во близина.
Според мрежата на автоматски метеоролошки станици на Националната опсерваторија на Атина и порталот „Метео“ во текот на денешниот ден до 19.30 часот по локално време, во делови на Атина биле измерени меѓу 118 и 146,4 литри вода на квадратен метар.
А многу големи количини на врнежи од дожд од утринските часови биле регистрирани и во источниот дел на Пелопонез, на Евија, како и во други делови од земјата.
Од противпожарната служба на Грција информираа дека поради невремето на Пелопонез во западна Грција, Епир и Атика, оперативниот центар од утринските часови вчера до 19 часот денеска примил вкупно 603 повици за укажување помош, од кои 370 биле во поширокиот регион на Атина и биле реализирани 210 испумпувања на вода, 49 сечења на дрвја, 68 пренесувања на лица на безбедни локации и 30 отстранувања на предмети.
Во Атина, во прекин е сообраќајот на булевари што се поплавија, а проблеми има и во сообраќајот на трамвајот и на метро линијата со електричниот воз, поради поплава на шините.
Паралелно, надојдена е водата и на двете реки во Атина.
За невремето, од бројот 112 за итни случаи синоќа беа испратени пораки до жителите на пет региони да ги ограничат нивните движења, додека пак утрово иста порака добија и сите оние што се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.
– Поради интензивни временски појави што се очекуваат во периферијата Атика од пладне до доцна навечер во среда, ограничете ги вашите движења само на апсолутно неопходните. Следете ги упатствата на надлежните органи, пишуваше во пораката од бројот 112.

Поради силниот ветер, бродовите и траектите остануваа закотвени на трите пристаништа во Атина, по издадената забрана за пловидба, а затворени беа и сите училишта во областа Атика.






