АА ќе го обжали Законот за „Безбеден град“ пред Уставен


Крилото на Арбен Таравари од Алијансата за Албанците најави дека во понеделник ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на измените на Законот за прекршоци, преку кој се овозможува имплементација на системот „Safe City“ (Безбеден град).

Од партијата наведуваат дека актуелната примена на системот отвора сериозни правни, уставни и социјални прашања, особено поради тоа што, според нив, се спроведува селективно – само во Скопје, Куманово и Тетово.

„Проект кој има за цел да ја зголеми јавната безбедност треба да се применува рамноправно на целата територија на државата, а не делумно и селективно“, порачуваат од Алијансата.

Дополнително, партијата укажува на непочитување на Законот за употреба на јазиците, бидејќи известувањата и санкциите што произлегуваат од системот не се обезбедуваат рамноправно и на албански јазик.

Како посебен проблем го посочуваат и високиот износ на глобите, за кои бараат ревизија и прилагодување на прагот на толеранција.

„Безбедноста во сообраќајот е неопходна, но не преку непропорционални казни кои ја нарушуваат економската благосостојба на граѓаните“, посочуваат од партијата.

Алијансата ги критикува и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ и Левица, кои гласале за стапување во сила на казнените одредби од 1 февруари, обвинувајќи ги дека тоа го сториле „без грижа за благосостојбата на граѓаните и без да ги адресираат сериозните уставни недостатоци“.

Во образложението за најава на иницијативата, партијата го посочува и примерот со Законот за трето дете, кој Уставниот суд го прогласи за неуставен поради селективна примена. Од таму очекуваат Уставниот суд да постапи на сличен начин и во случајот со „Безбеден град“.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close