Туфегџиќ: Во правосудството има мала група со криминоген менталитет
Адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ остро говореше за состојбите во македонското судство, оценувајќи дека клучниот проблем не е системскиот недостаток на плати, туку постоењето на мала, но влијателна група луѓе со изразен криминален менталитет.

Туфегџиќ најпрво ја поздрави работата на Јавното обвинителство во борбата против корупцијата и повика на поширока општествена одговорност, особено кај оние кои работат во правосудниот систем како судии, јавни обвинители и адвокати.
Тој за Трилинг нагласи дека без поддршка за обвинителството не може да има суштински напредок во расчистувањето на коруптивните појави.
Говорејќи за актуелни предмети, меѓу кои и случајот со судијата Ѓоко Ристов, во кој беа пронајдени 350.000 евра заѕидани во ѕид во куќата на неговите родители, Туфегџиќ потенцираше дека не сака да навлегува во конкретна правна анализа, повикувајќи се на почитување на пресумпцијата на невиност.
Сепак, според него, ваквите случаи мора да отворат суштински прашања за тоа против кого всушност се води борбата против корупцијата.
-Ние мора прецизно да ја идентификуваме малата група на луѓе кои се таргетот на оваа борба. Станува збор за лица со криминоген менталитет, кои и со 10.000 евра плата би продолжиле да го прават истото – истакна Туфегџиќ.






