„Ги убивате сите деца, вклучително и вашите“, револт во Струмица поради загадениот воздух
Во Струмица вечерва се одржа протест за чист воздух, на кој граѓаните јавно го искажаа револтот од долгогодишното аерозагадување и, како што порачаа, институционалната незаинтересираност за заштита на јавното здравје.

Со транспаренти на кои пишуваше „Колку пари чини еден живот“, „До кога ќе бидеме депонија Европа“, „Ги убивате сите деца, вклучително и вашите“, „Надлежни за плата, ненадлежни за воздух“, „Корупцијата труе повеќе од индустријата“ и „Од смогот не се гледа иднината“, демонстрантите побараа итни и конкретни мерки за намалување на загадувањето и заштита на здравјето на граѓаните.
Од говорницата беше упатена остра критика кон институциите, при што говорниците истакнаа дека молкот и отсуството на реакција не се случајни, туку претставуваат свесна политика. Беше нагласено дека станува збор за политика на одолговлекување и „купување време“, во која се чека да помине уште една сезона, уште една зима или лето, додека последиците по здравјето на граѓаните се продлабочуваат
„Кога државатa не реагира како во вонредна состојба, таа испраќа порака дека нашето здравје е колатерална штета“, порачаа говорниците, предупредувајќи дека загадениот воздух директно влијае врз квалитетот на животот, а најмногу ги погодува децата, старите лица и хронично болните.
Протестот помина со извици „Сакаме да дишеме!“, а граѓаните порачаа дека нема да се откажат од притисокот кон надлежните сè додека не се преземат сериозни и долгорочни мерки за решавање на проблемот со загадениот воздух објави Скопје1.мк






