(ВИДЕО) Филипче: Мицкоски беше турист во Давос, Македонија никогаш поизолирана
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на 31. Конгрес на партијата потенцираше дека премиерот Христијан Мицкоски изминатите денови во Давос беше турист, глумејќи светски лидер додека Македонија никогаш не била поизолирана, пукајќи по сите шавови, кадешто народот се бори за корка леб.
„И додека народот се бори за корка леб, каде е премиерот? Во Давос. Глуми светски лидер, прави селфија по ходници затоа што пет дена не направи ниедна средба. Човекот беше турист и ова не е хипербола. Додека дома државата пука по сите шавови, Мицкоски тераше скап туризам платен со народни пари! Македонија е во дипломатска изолација. Европскиот патот е блокиран, а тие немаат план. Европа нè отпиша, а Америка не нè запишува. Наместо во периметарот на САД, со Мицкоски завршивме надвор од кружницата наречена Европа. Вакво дипломатско лудило и конфузија не се оправдува. Ова е предавство на националните интереси. Вакво предавство ќе памтат многу следни генерации”, рече Филипче.
Во своето обраќање, тој истакна дека единствен план на ВМРО-ДПМНЕ е да нè држат во калта на Балканот, за да можат да владеат без правила, без европски судови, без контрола.
„Сакаат да ја претворат Македонија во карантин зона, во тампон зона за туѓи проблеми, само за да добијат тапкање по рамо и кредит од 6 милијарди евра. Сакаат да ја продадат безбедноста на нашите домови и на нашите деца за ситни политички поени. Тоа е врвен чин на предавство на сопствениот народ! Нема да дозволиме Македонија да стане логор за туѓи геополитички поткусурувања додека децата ги пакуваат куферите да заминат од државата”, нагласи Филипче.
Филипче, порача дека власта ветила гордост, но државата ја донесе до питачки стап.
„Кога беше СДСМ на власт, како велеше Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, се сеќавате? Сме биле потчинети на Европа. Тој ќе ја враќаше гордоста. И што добивме? Добивме влада која е целосно потчинета, уценета и купена со ќеш и проекти од Вучиќ и Орбан. Ја сведоа државата на последната дупка на Балканот со премиер кој не смее потпис да стави на ниедна одлука без одобрување од неговите газди”, изјави Филипче.






