Романскиот претседател ја отфрли идејата за референдум за обединување на Романија со Молдавија

Романскиот претседател Никушор Дан денеска ја отфрли идејата за организирање референдум за обединување на Романија со Република Молдавија.

Зборувајќи во градот Фокшани, каде што присуствуваше на настаните посветени на Денот на обединувањето на романските кнежевства, Дан рече дека таквата мерка не е оправдана сè додека „нема волја од Република Молдавија да го стори тоа“, пренесе агенцијата Аџерпрес.

„Нема причина за тоа сè додека нема волја во Молдавија тоа да се стори“, рече Дан и потсети дека Романија има обврска кон Република Молдавија да ја поддржи на нејзиниот европски пат.

Тој нагласи дека ова е прашање за кое граѓаните на Република Молдавија мора да се изјаснат.

„Романија има обврска кон Република Молдавија да ја поддржи на нејзиниот европски пат. Ова е целта на граѓаните на Република Молдавија и владата што ја избраа. Покрај тоа, постојат и други поврзани прашања, како што се енергетиката, економската поврзаност и други. Во овој контекст, Романија ја поддржува Молдавија и ја почитува волјата на нејзините граѓани. Доколку во одреден момент нивниот став се промени, ние ќе дејствуваме соодветно“, рече романскиот претседател.

Back to top button
Close