Лидери без визија и дела – народ без иднина
Кога партиските кујни готват лаги, омразата дивее

Почитувани читатели, си земам за слобода да дадам сопствена анализа за нашата татковина Македонија зошто со години и децении наназад тапка во место во својот економски и општествен развој, додека сите земји околу нас се движат напред со светлосна брзина.
Роден сум во бившата, федеративна и сојузна држава Југославија, каде што полни 45 години владееше едноумие. Постоеше еден политички систем, а тоа беше комунистичката партија која владееше со севкупниот општествен поредок и живот.
СФРЈ се распадна. Македонија како самостојна држава воведе плурализам, како напреден политички систем, во кој нашата држава требаше да испорача иднина за сопствените граѓани воведувајќи модерен и европски начин на живеење.
После цели 35 години плурализам, што имаме денес во нашата држава? Многу политички партии кои функционираат со етнички предзнаци: македонски, албански, српски, влашки и бугарски, оформени исклучиво да го штитат интересот на својата етничка заедница во нашата држава. За мене тоа е апсурд. Ние сме унитарна држава, а партискиот систем на национална основа укажува на идна федерализација на нашата држава. За ваквиот чин за можна федерализација направен е силен исчекор во 2004 година кога се донесе законот за територијална поделба на локалната самоуправа. Со овој закон не беа испочитувани искуствата и начинот на практикување на локалната самоуправа на западно европските земји како Франција, Германија и Англија, туку воведовме локална самоуправа исклучиво во интересот на етничките заедници.
Ваквата територијална поделба за мене е вовед за можна федерализација на Република Македонија.
Реалноста во нашиот политички живот на централно и локално ниво е евидентна, бидејќи за било каква функција од најниско до највисоко ниво се гледа на етничката припадност на кандидатот, а второстепена е неговите стручност и знаење за обавување на доверената функција.
Резултатите од ваквиот начин на практикување на власта од централно и локално ниво се евидентни, бидејќи како држава сме многу ниско рангирани во модерниот свет во начинот на нашата функционалност.
Рејтингот на нашата држава во светот е на многу ниско ниво. Не е случајност што најсилните европски земји си поигруваат со нашата на најнедостоен и понижувачки начин.
Зошто ваквата реалност, за нас граѓаните кои размислуваме малку поотворено, е тажна?
Не изнедривме повеќепартиски систем кој ќе дозволеше квалитетни личности да бидат вклучени на високите функции, професионалци со големо искуство и знаење, за достојна изградба на нашата држава како дома, така и во светот.
Во бившата СФРЈ владееше едноумие и комунистичката партија го креираше севкупниот развој на државата.
Едноумието на СФРЈ веќе е минато, но не и неговата идеологија која се провлекува и денес. Жално е кога јасно гледаш дека едноумието практикувано само од една партија на власт, денес е вдомено во сите политички партии во Македонија, а тоа се повеќе од 30 партии.
Во бившиот систем имавме еден лидер кој ја водеше државата. Денес во Македонија имаме повеќе од 30 лидери кои ја водат државата. Меѓу партиската омраза, посебно на партиите на власт и опозиција, доведена е до степен на себеуништување.
Политичките партии имаат сопствени кујни каде креираат политички лаги, само со една цел: што подолго опстојување на власт, без да водат сметка за руинирање на целиот општествен живот.
Сите политички партии во своите програми најавуваат сериозна борба против организираниот криминал и корупција. Жално е што до денес ниту една партија не испорача ниту една трошка од ветената борба против организираниот криминал и корупција. Свесно или несвесно тие се вклопуваат и стануваат дел од таквиот систем.
Во медиумите на Англија се говореше за кредитот од 6 милијарди фунти кој Македонија треба да го добие. Од сериозни аналитичари бевме окарактеризирани како држава во која владее криминалот и корупција и дека мигрантите, коишто не заслужуваат да бидат дел од Англија, наместо да ги враќаат во Централно-Африканските земји, остануваат во нашата држава.За секој достоинствен мој сограѓанин ова е навреда која никогаш нема да ја прифатиме. Очигледно, тој развиен Западно-Европски свет многу добро и длабоко ја познава нашата реалност, бидејќи таквиот став се креира врз база на сигурни проверени информации и дела.
Упорно ја барам правдата за стечајот на Еуростандард банка. Очигледно е дека во кујните на моите политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, јас сум окарактеризиран меѓу нивното членство како „персона нон грата”. Ме идентификуваат како криминалец, апаш и човек кој уништил многу животи во нашава држава! Впрочем кој сум јас?
Никогаш во животот не сум посегнал по нешто туѓо. Единствениот капитал е моето искуство и знаење со кои се здобив во фирмата ,,Технометал -Вардар”, работејќи во секторот неметали, огноотпорни материјали.
Сиот финансиски капитал сум го стекнал надвор од Македонија, работејќи во Полска, Чешка, Русија, Украина, Австрија, Швајцарија, Бразил и Јужно Африканската Унија, земјите од ЕУ, Белгија и Шпанија.
Со љубов кон татковината, во почетокот од овој милениум, одлучив капиталот да го инвестирам во Македонија, иако имав можност да инвестирам во земји со далеку поголема перспектива за финансиски просперитет. Со оваа моја одлука, да инвестирам во Македонија, го докажав патриотскиот порив кон својата татковина.
Важам за најголем хуманист и ктитор во државата. Секогаш сум донирал и помагал од своите лични и чесно заработени средства.
Не сум партиски определен. Го поддржувам секој политички субјект кој има чесни намери, ама барам и дела.
За мене како личност најболно е сознанието дека сум напаѓан точно од моите Македонци, припадници на двете големи политички партии каде се креираат лаги дека сум криминалец, апаш и што уште не! Од сите останати етнички заедници во Македонија, еден сум од највисоко почитуваните сограѓани, ама за моите македонски партии кои сеат омраза меѓу Македонците, јас сум непријател зашто за мене постои само една политичка партија и се вика Македонија.
Партиската обоеност на членството и едноумието кое владее во партијата е самоуништувачки за севкупниот развој и иднината на државата.
Ќе продолжам на свој начин да помагам и да ги освестувам моите сограѓани. Нека маваат со камен, јас ќе враќам со леб.






