Кенеди предложи, Трамп потпиша: На мртвите не им требаат чекови, милиони долари се исплаќале на починати Американци

Американските федералните агенции годишно губат стотици милиони или милијарди долари поради непотребни или грешни исплати на бенефиции, вклучително и исплати на починати лица. Причината за несоодветните исплати најчесто е ненавременото споделување на податоците помеѓу федералните агенции, но и слабата контрола.
Во обид да стави крај на несоодветните исплати и одлевање на буџетските средства уште во 2020 година усвоен е Закон за прекин на несоодветни исплати на починати лица, со траење од три години.
Со цел привремената мерка да стане трајно законско решение сенаторот Џон Кенеди (републиканец од Луизијана) на 28 јануари 2025 поднесе Предлог-закон за прекин на несоодветните исплати на починати лица. Законот на Кенеди беше усвоен од Претставничкиот дом и од Сенатот на 12 јануари годинава. Законот за прекин на несоодветните исплати на починати лица на 10 февруари го потпиша американскиот претседател Доналд Трамп, а ќе стапи во сила на во декември следната година.
„Користењето на починати Американци за измама на даночните обврзници е најниско што може да се постигне. Многу Американци ги виделе овие измами како се одвиваат низ целата земја и се уморни од тоа како измамниците го изигруваат системот, исто така и јас. Затоа го напишав овој закон, заснован на здрав разум за трајно да се стави крај на оваа скандалозна злоупотреба и сум благодарен што претседателот Трамп го потпиша за да можеме да осигуриме дека парите на даночните обврзници ќе одат кај живи Американци на кои навистина им е потребна нашата помош, изјави сенаторот Кенеди.
Според новиот закон Администрацијата за социјално осигурување (ССА) од декември годинава ќе мора трајно да ги споделува податоците од својата база за починатите лица со Министерството за финансии за да се избегнат погрешни исплати. Податоците ќе бидат достапни и за другите федерални агенции, што се овластени да го користат системот на Министерството за финансии – Не плаќај. Се претпоставува дека со тоа ќе се спречат милиони долари неправилни исплати, какви што беа забележани за време на пандемијата, кога значителни суми отидоа на починати лица. Се проценува дека ќе се заштедат околу 33 милиони долари годишно.
Како и претходниот така и овој закон беше поддржан и од републиканците и од демократите.
„Министерството за финансии е цврсто посветено на унапредување на стратегии базирани на податоци кои го зајакнуваат интегритетот на плаќањата и ги заштитуваат парите на даночните обврзници. Законот на сенаторот Кенеди е голем чекор напред во постигнувањето на таа цел, изјави потсекретарот во Министерството за финансии, Џонатан Меккернан.
Законот на Кенеди беше поддржан и од претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон (републиканец од Лујзијана) и лидерот на мнозинството во Претставничкиот дом Стив Скалис (републиканец од Лујзијана).
Џонсон исплатите на починати лица го нарече расипничко, наведувајќи оти со законот „американските даночни обврзници повеќе нема да ја плаќаат за грешките на федералната влада“.
„Благодарение на Законот за прекин на несоодветните плаќања на починати лица на сенаторот Кенеди, Министерството за финансии ќе стави крај на оваа скандалозна употреба на федералните долари. Ова е уште еден начин на кој републиканците го исполнуваат ветувањето за намалување на расипништвото, измамите и злоупотребите во Вашингтон. Му благодарам на мојот добар пријател од Лујзијана за неговото водство по ова прашање и сум среќен што го гледам ова критично законодавство потпишано од претседателот Трамп“, истакна Скализ.
Законот на Кенеди беше поддржан и од сенаторите Гари Питерс (демократ од Мичиген) и Рон Вајден (демократ од Орегон).
„Овој витален закон ќе помогне во заштедата на милиони долари на даночните обврзници со тоа што ќе се осигури дека Администрацијата за социјално осигурување ќе може трајно да споделува важни податоци со системот „Не плаќај“ на Министерството за финансии, спречувајќи несоодветни исплати на починати лица. Горд сум што ја поддржувам оваа двопартиска легислатива за да помогнам во заштитата на парите на даночните обврзници“, наведе Питерс.
Додека сенаторот Вајден потенцира дека со двопартискиот закон ќе бидат заштедени милиони долари на даночните обврзници секоја година.






