Приведен обвинител од Вишото обвинителство во Битола поради враќање на пасош на бизнисменот Марковски

Обвинител од Вишото јавно обвинителство во Битола вечерва бил лишен од слобода од полицијата во Прилеп, дознава „Скопје1“ од неофицијални извори.
Според првичните информации, приведувањето наводно е поврзано со постапувањето околу враќањето на пасошот на битолскиот бизнисмен Борче Марковски.
Во јуни обвинител од Основното јавно обвинителство Струга дал негативно мислење за барањето на одбраната на Марковски да му биде вратена патната исправа. По ново барање на одбраната, предметот бил доставен до Вишото јавно обвинителство во Битола, од каде што било наложено да се даде позитивно мислење.
Марковски потоа го добил пасошот и заминал во Србија, со образложение дека мора итно да потпише документи поврзани со работата на неговата фирма. За неговото присуство во постапката претходно била понудена гаранција од околу пет милиони евра.
На Марковски и на уште неколку лица им се суди за наводни злоупотреби поврзани со јавна набавка во РЕК „Битола“, вредна повеќе од 1,7 милиони евра.
Приведувањето следува во период на повеќе истраги и судски постапки поврзани со претставници на правосудниот систем. Претходно беше уапсен и осуден адвокат за противзаконито влијание, а постапка беше поведена и против апелациски судија, во чиј семеен дом беа пронајдени 350.000 евра скриени во ѕид.
Засега нема официјални информации за причините за вечерашното приведување, за правната квалификација на случајот, ниту за натамошното постапување. Се очекува МВР и надлежното обвинителство да соопштат повеќе детали.






