Калас: Европа не се распаѓа, многумина чекаат да влезат, се надевам нема да чекаат долго!

Каја Калас, потпретседателна на Европската комисија и висок претставник за надворешна политика, на безбедносната конференција во Минхен се потсмеваше со лекциите од САД за слободата на говор во Европа и според реакциите го кажа она што требало да се каже:

„Доаѓајќи од земја која е број два на Индексот на слобода на печатот (Естонија), интересно е да се слушнат критики во врска со слободата на печатот од земја (САД) која е 58-ма на оваа листа“, рече Калас.

Таа ја критикуваше и преговарачката тактика на САД кон Русија и војната во Украина велејќи дека „најголемата закана што Русија ја претставува во моментов е тоа што добива повеќе на преговарачката маса отколку што постигнала на бојното поле“.

„Русија не е суперсила. По повеќе од една деценија конфликт, вклучувајќи четири години целосна војна во Украина, Русија едвај напредуваше надвор од границите од 2014 година. А цената е 1,2 милиони жртви. Денес, Русија е скршена. Нејзината економија е во распаѓање. Се исклучува од европските енергетски пазари, а нејзините граѓани бегаат“, оцени Калас

Таа исто така додаде дека „ако војската на Украина треба да биде ограничена по големина, и руската треба да биде ограничена. „Таму каде што Русија предизвика штета во Украина, Русија треба да плати“, рече Калас.

 

Калас индиректно реплицираше и на објавената стратегија во САД во која Европа беше претставена во распаѓање.

„Спротивно на она што некои би можеле да го кажат, „разбудената декадентна“ Европа не се соочува со цивилизациско бришење. Всушност, луѓето сè уште сакаат да се приклучат на нашиот клуб – и тоа не само колегите Европејци.Кога бев во Канада минатата година, ми беше кажано дека над 40% од Канаѓаните имаат интерес да се приклучат кон Европската Унија, па затоа листата на чекање е доста долга. Се надевам само дека оние што чекаат доста долго нема да мора да чекаат подолго“, рече Калас, во порака што ја засега и Македонија.

На социјалните мрежи сепак хит беше фотографијата на Калас која превртува очи додека амбасадорот на САД во ОН, Том Валз, тврдеше повторно дека Вашингтон завршил осум војни во светот.

Back to top button
Close