Савовски: Праксата на обвинителството за Груби да важи и за останатите граѓани!

Во јавноста не запираат реакциите по одлуката за куќен притвор на поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој 14 месеци беше во бегство, а завчера реши да се врати во државата. За него имаше активна мерка од 30-дневен притвор, која експресно, за неколку часа од неговото враќање, беше заменета со домашен притвор.
Адвокатот Димитар Савовски коментира за фокус мк , дека според неговото искуство, не памети ваква експедитивност на институциите, но додава и дека ќе биде добро доколку ваквата пракса продолжи и за останатите граѓани, кои неретко се заборавени во притворските ќелии.
-Неспорно е дека ова е пресадан во правосудната пракса, за лице кое е во долготрајно бегство и кому со правосилно решение му е изречена мерка затворски притвор во траење од 30 дена од денот на негово пронаоѓање, во еден ден ОЈО да напише и достави до судот мислење за замена на затворскиот притор со куќен притвор.
Меѓутоа, доколку е ова промена на праксата во ОЈО, експедитивно и ефикасно да постапува, не само во притворсаки предмети, туку генерално при доставување на мислење до судот и во целост во нивното работење, ја поздравувам одлуката на обвинителот кој постапува во предметот. Верувајте, доколку се продолжи со ваквата пракса ќе има позитивно влијание на идни осомничени лица на кои безразложно им се одредува мерка затворски притвор. Неспорно е дека многумина се осудени само заради тоа што биле во притвор, а притоа има голем недостаток во доказната постапка. Она што јавноста треба да разбере е дека притвор не е осуда, туку само мерка за обезбедување на осомничениот во текот на постапката, ни изјави адвокатот Савовски.
Тој додава и дека во случајот со Груби, судијата на претходна постапка нема никаква вина, односно нема можност да изрече построга мерка од таа што ја бара обвинителот.
-Конечно, безпредметно се прозива судијата на претходна постапка, дури и Министерот за правда го посочи во својата објава при што покажа тотално непознавање на правото. Dominus litis на постапката е обвинителот, судот со решение само го санкционира барањето на обвинителот за тоа каква мерка да се изрече на осомничетиот во текот на постапката и нема овластување да се меша во одлуката на обвинителот, дециден е Савовски.
Извор Фокус мк





