Оставете ги обвинителите да одлучуваат, вели Здружението откако политичари коментираа за куќниот притвор на Груби
Здружение на јавни обвинители на Република Северна Македонија апелира до сите политички партии и функционери да го почитуваат начелото на поделба на власта и да се воздржат од јавна реторика со која, како што наведуваат, се нарушува самостојноста на јавните обвинители во одлучувањето.

Во соопштението се наведува дека во изминатите денови јавноста била сведок на, како што ги оценуваат, неодговорни изјави со кои одредени политичари селектираат и прозиваат поединечни јавни обвинители, коментирајќи јавнообвинителски одлуки без да бидат запознаени со конкретниот предмет и доказите.
„Ова кулминираше со политичките коментари во однос на определена мерка куќен притвор за еден од осомничените во предметот ‘Државна лотарија’. Ваквата јавна реторика мора да престане, а останатите институции да дозволат обвинителите непречено да постапуваат и да одлучуваат“, се наведува во реакцијата.
Од Здружението посочуваат дека како професионална организација немаат овластувања да интервенираат или да ги коментираат одлуките на јавните обвинители во конкретни предмети. Сепак, истакнуваат дека имаат право и обврска да ја заштитат самостојноста на обвинителите кои, како што велат, стручно и одговорно ја вршат својата функција и да се борат за соодветни услови за нивната работа.






