Горан Стоименов од АПИС во интервју одговора за истражувањето на ИЈЗ за искуството на средношколци со игри на среќа
Мислам дека критичарите на овој економски сектор упорно избегнуваат да прифатат одредени неспорни факти, вели во интервју претставникот на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа, Горан Стоименов.

Тој нагласува дека актуелниот закон за игри на среќа е еден од најстрогите на Балканот, особено во делот на казните за евентуално присуство на малолетници во објектите.
„Оттука, кој е економскиот интерес на казината и автомат клубовите да привлекуваат малолетници во своите објекти? Зарем некој навистина верува дека казината и автомат клубовите сакаат да профитираат од џепарлакот на младината? Па, нашите членки веќе со години водат активна медиумска кампања под мотото „Забрането за малолетни лица – 100% законски!“ преку која се подигнува јавната свест и јасно порачуваме дека младината не смее ни да помисли да се обиде да влезе и воопшто не е посакуван посетител во казината и автомат клубовите. Членките на АПИС како странски инвеститори егзистираат во македонската економија повеќе од 18 години, имаат инвестирано стотици милиони евра, вработуваат илјадници луѓе и нема да го ризикуваат светското реноме со присуство на малолетници во објектите. Што се однесува до споменатото истражување, мислам дека младината која масовно користи мобилни уреди и интернет станува потенцијална жртва на дигитални, онлајн измами кои со „fishing“ методи од нелегални платформи организирани во странство ги манипулираат и се обидуваат да ги навлечат со лажни ветувања за лесно остварливи високи добивки“, вели Стоименов.
Актуелната Влада, вели претставникот на АПИС, веќе презема сериозни мерки за борба со оваа појава и се надеваме дека превентивните механизми ќе го дадат посакуваниот резултат.






