Димитријевиќ: СДСМ поднесе кривична пријава против гувернерот Славески за Алта банка, обвинителството веднаш да постапи

Организираната криминална група на Мицкоски, панично ја штити банката на Вучиќ. Сакаат да го заташкаат скандалот со внесувањето на Алта банка во Македонија, да се спасат од одговорност, да сокријат сметки, трансакции, потекло на капитал…Нема да можат. Алта банка е огромен финансиски скандал и одговорност ќе има! За сите! СДСМ денеска поднесе Кривична пријава против гувернерот Трајко Славески и други службени и одговорни лица во Народната банка, се вели во соопштението на СДСМ од денешната прес-конференција на Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.

Бараме одговорност за сите инволвирани во Алта банка!

Сите што ја отворија вратата и ја внесоа Алта банка во Македонија, што не провериле потекло на капитал, сопственик, ризик, што ја дале согласноста и што не ги заштитиле интересите на граѓаните на Македонија.

Пријавата е обемна, темелна, аргументирана и правно издржана со конкретни правни основи, групирани во неколку целини.

Прво, кривична одговорност според Кривичниот законик.

Трајко Славески и пријавените лица се теретат дека со своите дејствија на сторување и несторување, пропуштање должен надзор, во периодот од втората половина на 2025 година до октомври/ноември 2026 година.

„Несовесно работење во службата“ по член 353-в и „Злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353.Второ, одговорност за одобрување на преземањето и надзорот според Законот за банките.

Во Кривичната пријава се наведени членовите 13, 17, 18 и 59, 62, за неисполнување на условите за стекнување квалификувано учество особено на лице со изречена прекршочна санкција, за проверката на инвеститорот и основите за добивање на согласноста која ја дала Народна банка, односно Славески.

Бараме да се утврди зошто не била проверена репутацијата на сопственикот, потеклото на парите и ризиците за сигурноста и стабилноста на банката.

Давор Мацура зошто не го провериле? Сомнителниот капитал зошто не е проверен и така натаму.

Опфатени се и членовите 83 и 88 – во однос на согласностите за членовите на надзорните и управните органи.

Основано се сомневаме дека Народната банка не ги употребила законските механизми навреме и дозволила ризиците да се прелеат врз граѓаните на Македонија.

Трето – одговорност според Законот за Народната банка и прописите за спречување перење пари. Со барање да се испитаат направените проверки на сопственикот, капиталот и трансакциите, како и постапувањето на надзорниот орган.

Дали биле побарани информации од странските регулатори? Дали била вклучена Управата за финансиско разузнавање? Кои предупредувања биле разгледани и што било преземено?

Во пријавата бараме прибирање на целокупното досие за преземањето, стручните елаборати, записниците, согласностите и кореспонденцијата со домашните и странските институции.

 

Бараме проверка на прекуграничните трансакции и сослушување на сите лица што учествувале во одлучувањето и надзорот.

Бараме и мерки на претпазливост за Трајко Славески и останатите лица, вклучително привремена забрана за вршење должности на сите инволвирани, за да се спречи влијание врз сведоците и можно уништување на документацијата.

 

Почитувани,

Во Србија има истрага, одземена е лиценцата на Алта банка, отворен е стечај, приведен е сопственикот Давор Мацура, се истражуваат 380 милиони евра, се споменуваат и фалсификувани пари.

Банката била пералница на пари на Вучиќ а во Македонија ја донесоа Мицкоски и Славески.

 

Не може во Македонија ништо да не се презема.

Одговорноста треба да се лоцира, институциите мора да постапат.

Обвинителот Ненад Саевски има шанса да ги одбие повиците на Мицкоски и да покаже дека може да работи независно, по Закон.

Или да стане соучесник на оваа организирана криминална група и да ги штити.

Но на сите, буквално на сите, од Мицкоски до Славески и сите инволвирани во скандалот со Алта банка едно треба да им биде јасно:

Одговорност ќе има! Доаѓа време на правдата!

Back to top button
Close