Апасиев: Породилно нема, а вие слободно раѓајте бебиња
Пратеникот Димитар Апасиев утрово на социјалните мрежи сподели информација дека нема исплатено породилно за месец февруари.

– ПОРОДИЛНО за мајките нема исплатено цел февруари! Дали сме банкрот, дали се неспособни, дали и двете? – тоа да си ја прашате министерката.
Иначе, ПОРОДИЛНО НЕМА. А вие слободно раѓајте бебиња. – напиша Апасиев.
Ист проблем имаше и во ноември минатата година, кога Инфомакс објави дека нешто повеќе од 6.000 жени немаа добиено надоместок за породилно отсуство.
Од Фондот тогаш за порталот кажале дека е нормално исплатите да траат од 10 до 12 во месецот.
– Исплатата на породилните надоместоци не е еднократен, туку континуиран процес кој трае во текот на целиот месец. Пресметките ги изготвуваат Подрачните служби на Фондот, врз основа на податоците доставени од работодавачите. По нивната обработка, пресметките се доставуваат на исплата.
Најголемиот дел од исплатите се реализираат во периодот од 10-ти до 20-ти во месецот, но одреден број исплати се извршуваат и до самиот крај на месецот.
За месец октомври 2025 година досега се обработени 6.268 предмети на породилно отсуство, во вкупен износ од 340 милиони денари.
За споредба, во септември 2025 година биле обработени 7.319 предмети и за истиот број на лица е извршена исплата, со вкупен износ од 384 милиони денари, што укажува дека дел од пресметките за октомври се уште се во обработка и исплата. – стои во одговорот кој го добивме од Фондот.
Согласно Законот за работни односи, работникот кој користи отсуство поради бременост, раѓање и родителство, отсуство за нега и заштита на дете има право на надоместок на плата.
Средствата за надоместокот за породилно отсуство се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија. Според Законот за здравствено осигурување, основица за пресметување на надоместокот на плата претставува просечниот месечен износ на исплатената плата на која е платен придонесот за задолжителното здравствено осигурување во последните дванаесет месеци пред настанувањето на случајот поради кој се стекнува правото на надоместокот. Висината на надоместокот на плата за време на отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство изнесува 100% од основицата на надоместокот на плата. Надоместокот за отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство се исплатува од првиот ден на привремената спреченост за работа од средствата на Буџетот на Република Македонија






