(ФОТО) Сиљановска-Давкова со највисоки почести го пречека претседателот на Албанија, Бајрам Бегај

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со највисоки државни и воени почести денеска во вила „Водно“ го пречека својот албански колега Бајрам Бегај, кој е во официјална посета на земјава.

Од пречекот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на нејзиниот албански колега Бајрам Бегај / Фото: МИА

По пречекот тие имаа тет-а-тет средба, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.

Се очекува Сиљановска-Давкова и Бегај да имаат и заедничка прес-конференција.

За време на посетата, тој ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Според агендата на официјалната посета, албанскиот претседател ќе има средба и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, а потоа и ќе се обрати пред пратениците.

 

 

Претседателот на Албанија посетата на земјава ја започна вчера со посета на Општина Чаир, каде што беше пречекан од градоначалникот Изет Меџити.

Двајцата ја посетија Старата чаршија, а положија и цвеќе пред споменикот на Ѓерѓ Кастриот-Скендербег.

За утре е најавена посета на албанскиот претседател на Тетово, за што преку објава на Фејсбук информира градоначалникот на Општината, Билал Касами.

Поради посетата на Бајрам Бегај, утре и задутре во Скопје ќе има посебен сообраќаен режим.

Back to top button
Close