Мицкоски не кажува како МВР и АНБ процениле дека Груби не е безбеден во „Шутка“, тоа било строго доверливо

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во гостување на „Сител“ рече дека побарал објаснување од Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) околу проценките според кои одлучиле дека поранешниот вицепремиер Артан Груби, обвинет за финансиски злоупотреби додека беше на функцијата, немало да биде безбеден доколку биде притворен во истражниот затвор „Скопје“.

Мицкоски во интервјуто се обиде да ги отфрли гласните шпекулации во јавноста дека враќањето на Груби, но и самото негово бегство преку граничниот премин „Блаце“, во кое помогнаа и полицајци, не било резултат на некаков пазар, односно договор меѓу власта и поранешниот премиер. Испраќањето на довчерашниот бегалец во куќен притвор наместо во „Шутка“ дополнително го засили таквиот впечаток, а преставниците на власта веќе неколку дена интензивно повторуваат дека Обвинителството и Судот се виновни за омекнувањето на мерката, за што тврдат дека тие одлучиле самостојно, без власта да ги притиска.

Премиерот вели дека го добил објаснувањето од МВР и АНБ за тоа како било проценето дека на Груби му била загрозена безбедноста во „Шутка“, но не може јавно да го раскаже бидејќи се работело за класифицирани, строго доверливи документи.

Груби во понеделникот се врати во Македонија по 14 месеци бегство од истрагата, според која тој е вмешан во проневера тешка осум милиони евра во Државната лотарија. Обвинителството потоа предложи да му се укине ефективниот притвор и да се испрати во куќен притвор, а судија од Кривичниот суд, кој не може да изрече мерка построга од онаа која ја предлага ОЈО, тоа го прифати.

Претходно, Јавното обвинителство се правдаше дека побарало куќен притвор за поранешниот вицепремиер откако добило службени белешки од МВР и АНБ, според кои постои сериозна закана по безбедноста на Груби во затворот. На ова реагираше директорот на истражниот затвор „Скопје“, Бобан Утковски, кој рече дека ниту МВР ниту АНБ не дошле во затворот за да направат каква било проценка, како и дека во „Шутка“ може да му се гарантира безбедноста на секој притвореник, па и на Груби. Мицкоски вечерва ова го коментираше само со зборовите дека директорот Утковски нема пристап до доверливите информации што МВР и АНБ ги споделиле со премиерот.

Мицкоски, како и во дузина други јавни настапи во изминатите месеци, и во вечерашниот го спомена основачот на психоанализата, Зигмунд Фројд, користејќи основни аналогии од учењето на славниот австриски научник, за да ги напаѓа противниците

Back to top button
Close