Гаши – Бегај: Македонија и Албанија како пријателски земји делат вредности, визии и предизвици и се пример за соработка во регионот

Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска оствари средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Претседателот Гаши изразил задоволство од средбата и истакнал дека очекува пријателството и соработката што постои меѓу две земји во иднина уште повеќе да се зајакнува и унапредува. На меѓународен план, како што посочуваат од собраниската прес-служба, двете држави имаат исти цели и интереси а тоа е членството во Европската Унија, меѓусебна поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и да ја продлабочуваат регионалната соработка.
Тој изразил очекување и надеж дека две држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција затоа што тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот од Западниот Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатерални парламентарни односи, претседателот Гаши истакнал дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат скоро секоја година.

Претседателот Бегај истакнал дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и се пример за соработка во регионот. Потенцирал дека е подобрена соработка во многу сфери од заеднички интерес што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Посочил дека останува определбата за уште поголема соработка особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцирале важноста и улогата на Македонците и Албанците кои што живеат во двете земји и претставуваат мост на градење на стабилни и пријателски односи. Посочиле дека патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги за кои постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието






