(ВИДЕО) Митовски: АХВ итно да го спроведе решението од 2024 година за одземање на кравите во Крива Паланка

Градоначалникот на Крива Паланка реагираше на обвинувањата од Агенцијата за храна и ветерина дека само тој е надлежен да се справи со кризната ситуација со 500 крави кои слободно шетаат на територијата на општината. Тој побара итно спроведување на правосилното и извршно решение донесено на 5 март 2024 година, со кое е изречена мерка за одземање на добиток согласно член 36 од Законот за заштита и благосостојба на животните.
Во своето обраќање нагласи дека обидите за префрлување на одговорноста кон општината се правно неосновани и не ја менуваат фактичката состојба бидејќи решението е донесено од страна на Агенцијата, правосилно е и извршно од април 2024 година, но до денес не е спроведен
„Надлежноста за донесување и спроведување на мерката за одземање е исклучиво на Агенцијата и дека општината нема законска основа да ја преземе таа надлежност. Во таа насока, потенцирам дека институционалната одговорност не може да се релативизира преку јавни соопштенија.
Во меѓувреме, проблемот со добитокот што со години предизвикува штети во Крива Паланка продолжува да создава последици врз јавните површини, приватниот имот, безбедноста во сообраќајот и благосостојбата на животните.
Општината останува подготвена да обезбеди логистичка и кадровска поддршка за спроведување на решението, но не може и нема да ја преземе законската надлежност на државна институција. Јавно ќе порачам дека времето за меѓу институционално препукување е завршено и дека очекуваме постапување на терен, согласно сопственото правосилно и извршно решение“, истакна Митовски.






