Европската конфедерација на синдикати го поддржа ССМ за зголемување на платите
Од Европската конфедерација на синдикати велат дека се особено загрижени за, како што наведуваат, пријавите и извештаите за лично таргетирање и заплашување врз претставниците на синдикатот.

Сојузот на синдикати доби поддршка од Европската конфедерација на синдикати во заложбите за зголемување на минималната плата и сите останати плати.
Во писмото упатено до претседателот на ССМ Слободан Трендафилов се вели дека напорите и заложбите на ССМ за одбрана на работничките права, промовирање на фер минимални плати, обезбедување соодветно зголемување на платите и зајакнување на колективното договарање се целосно легитимни и се од големо значење.
– Тие ги одразуваат реалните потреби на работниците кои се соочуваат со зголемување на трошоците на живот и зголемена економска несигурност. Вашето залагање за пристојни услови за живот и работа е во сржта на синдикалното дејствување и е цврсто засновано на меѓународните и Европските стандарди на трудот – се вели во писмото.
Од Европската конфедерација на синдикати велат дека се особено загрижени за, како што наведуваат, пријавите и извештаите за лично таргетирање и заплашување врз претставниците на синдикатот.
– Особено сме загрижени од пријавите и извештаите за лично таргетирање и заплашување што несомнено има за цел влијание врз претставниците на синдикатите и нивните семејства. Ваквите дејствија се апсолутно неприфатливи и некомпатибилни со демократските принципи. Слободата на здружување, колективното договарање и правото на преземање синдикална акција, активности и чекори, вклучително и штрајк, се фундаментални права заштитени со Конвенциите на МОТ и Европските инструменти за човекови права. Овие права мора да се почитуваат и во Законите и во праксата. Европската конфедерација на синдикати (ETUC) цврсто стои на ваша страна. Ќе продолжиме внимателно да ја следиме ситуацијата и каде што е потребно да изразуваме загриженост на Европско ниво – се вели во писмото од Европската конфедерација на синдикати.






