Кошаркарската федерација бара оставка од Даниел Димевски: Обвинува за можен непотизам и обид за уцена со 100.000 долари

Во Кошаркарската федерација на Македонија вчера се одржа седница на Управниот одбор на која е донесено одлука федерацијата да побара итна оставка од првиот човек на македонскиот Олимписки комитет Даниел Димевски.
Од федерацијата го обвинуваат Димевски за судир на интереси, непотизам и обид да влијае на функционирањето на репрезентацијата во кошарка 3×3. Наводно претседателот на МОК се обидел да има и контрола врз изборот на играчи на селекцијата каде што настапува и неговиот син.
„Федерацијата никогаш не го оспорувала правото на кој било кошаркар, вклучително и на синот на Димевски, да го носи националниот дрес доколку тоа право е стекнато врз основа на спортски квалитет, резултати и објективна стручна проценка. Но, категорично се спротивставуваме на секој обид изборот на националната селекција да биде изземен од надлежностите на Федерацијата и ставен под контрола на институција чиј претседател има непосреден семеен интерес во самиот состав. Дали националниот дрес се заслужува со спортски резултати или со семејна поврзаност со раководител на спортска институција? Ова прашање не може да остане без одговор. Претседателот на Олимпискиот комитет има посебна одговорност да обезбеди транспарентност и да избегне каков било судир на интереси, особено кога се одлучува за прашања што непосредно го засегаат неговото семејство“, порачуваат од КФМ.
Како дополнување од федерацијата објаснуваат каков Меморандум им бил предолжен за соработка меѓу МОК и КФМ.
„Со член 2 од предложениот Меморандум, Олимпискиот комитет презема обврски за финансирање на активностите, покривање на трошоците, обезбедување услови за тренинг, но и за ангажирање стручни лица за селекција, тренинг и водење на репрезентациите, вклучувајќи го нивниот избор и исплата на надоместоци. Наспроти тоа, во член 4 обврските на Кошаркарската федерација се сведуваат на административна поддршка, регистрација на играчите во системот на ФИБА и обезбедување судии и технички лица. Со други зборови, според предложениот модел, Федерацијата би била одговорна за административното и техничкото функционирање, додека суштинските прашања поврзани со стручниот кадар и селекцискиот процес би биле ставени под контрола на Олимпискиот комитет. Од национална спортска федерација со сопствена стручна структура, од нас практично се бараше да станеме административен сервис на Олимпискиот комитет. Таквиот пристап за нас е неприфатлив“, стои во реакцијата.
Во третиот член од Меморандумот според тврдењата на федерацијата била понудена финансиска поддршка од 100.000 долари која требало да биде исплатена во период од 2025 до 2028 година.
„Во член 3 од предложениот Меморандум е предвидена вкупна финансиска рамка од 100.000 американски долари, распределена во периодот од 2025 до 2028 година. Федерацијата ја поздравува секоја искрена иницијатива за финансиска поддршка и развој на кошарката 3х3. Но, според предложениот Меморандум и комуникацијата меѓу двете институции, прифаќањето на финансиската поддршка беше поврзано со прифаќање модел во кој Олимпискиот комитет ќе има одлучувачка улога во изборот на стручниот кадар и составувањето на репрезентацијата. Тука се поставува едно суштинско прашање: Дали финансиската поддршка треба да служи за развој на спортот или може да биде услов за преземање на стручните и селекциските надлежности на националната федерација? Уште посериозно е што ова прашање се појавува во околности кога во селекцијата е вклучен и синот на претседателот на Олимпискиот комитет. Таквата поврзаност создава оправдана потреба од целосна транспарентност и утврдување дали постоел судир на интереси. Финансиските средства не можат да бидат замена за спортските критериуми, ниту оправдување за заобиколување на надлежната Федерација“, се објаснува во соопштението на КФМ.
За крај и јасно се истакнува барањето за оставка, но исто така се повикуваат и институциите да го разгледаат случајот
„Имајќи ги предвид сите наведени околности, Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија оценува дека е сериозно нарушена довербата во начинот на кој претседателот Даниел Димевски постапувал во односите со Федерацијата и во прашањата поврзани со националната селекција во кошарка 3х3. Поради тоа, Управниот одбор јавно бара Даниел Димевски веднаш да поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на Македонскиот олимписки комитет. Истовремено, Федерацијата бара надлежните органи и тела да ги разгледаат сите околности“.






