Алијанса за Албанците: Доколку предупредувањата за Алта банка беа сфатени сериозно, денес можеби немаше да се занимаваме со справување со последиците


АЛТА Банка официјално влезе во Северна Македонија во септември 2025 година. Во тоа време, дел од Владата беше и ВЛЕН. ВЛЕН и денес продолжува да биде дел од Владата. Но, гледајќи ги денешните реакции на претставниците на ВЛЕН, се чини дека станува збор за класичен случај на селективна политичка амнезија: виновниците се бараат насекаде, само не таму каде што треба, се вели во соопштението на Алијанса за Албанците, кое МИА го пренесува интегрално.

Не знам дали ова е политичка илузија, потценување на интелигенцијата на граѓаните или обид луѓето да се третираат со терапија на колективно заборавање.

Но, едно е непобитно: Алијанса за Албанците предупреди навреме!

Уште од моментот кога беше објавено влегувањето на оваа банка, ја изразивме нашата загриженост дека преку неа би можело да се прошири влијанието на српскиот свет во Северна Македонија, овој пат и во економската и финансиската сфера. Нашите предупредувања ги поткрепивме и со загриженоста изразена во извештајот на Европската комисија во врска со влијанието на српскиот свет во земјата.

За жал, никој не сакаше да ги слушне нашите забелешки.

Доколку предупредувањата на Алијанса за Албанците беа сфатени сериозно, денес можеби немаше да се занимаваме со справување со последиците, туку ќе имавме можност да го спречиме проблемот уште во самиот почеток.

А денес, наместо одговорност, имаме политичка пинг-понг игра: едниот ја префрла вината на другиот, другиот на првиот, додека граѓаните треба да го гледаат натпреварот и да заборават кој беше на власт кога банката официјално влезе во земјата.

Понекогаш, одговорноста не се мери според тоа колку успешно успеваш да ја префрлиш вината на другите, туку според тоа што си направил кога си имал можност да го спречиш проблемот!

Алијанса за Албанците

Back to top button
Close