Кушнер ја повика Европа да именува еден претставник за преговорите со Русија

Специјалниот пратеник на САД, Џаред Кушнер, по завршувањето на трилатералните преговори во Абу Даби, изјави дека Европа треба да именува едно лице кое ќе ја претставува во преговорите за завршување на војната во Украина.
Тој ја опиша Европа како „многу разновидна мешавина од многу различни личности, перспективи и интереси“.
Според Кушнер, способноста на Европа да идентификува едно лице, кое ќе зборува во нејзино име, би бил поголем успех отколку да ја убеди Русија да вклучи европски претставници во преговорите.
Кушнер ја нагласи важноста од вклучување на Европа во сите дискусии за Украина и безбедносната ситуација по војната.
– Треба да најдеме начин да постигнеме цврст договор за вистинските чекори. Им кажавме на Русите дека имаат свои желби и стравови, за кои можеме да разговараме. Но, исто така им кажавме дека треба да понудат конкретни чекори за деескалација и различни предлози ако сакаат Европа да ги сфати сериозно, посочи Кушнер.
Тој призна дека „во моментов има недоверба помеѓу страните, што е очекувано по ваков конфликт“, но изрази надеж дека може да се постигне напредок. Кушнер додаде дека се надева оти рускиот претседател Владимир Путин ќе одобри вклучување на европски претставници во процесот на преговори.
Претходно, италијанската премиерка Џорџа Мелони ја повика Европската Унија да разговара за тоа кој треба да ја претставува ЕУ во преговорите и какви овластувања би имала таа личност. Од друга страна, данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека не сака да ја преземе улогата на претставник на Европа во преговорите за војната меѓу Русија и Украина.






