Можно е поскапување на електричната енергија до 5 отсто

Владата подготвува мерки за зголемување на домашното производство на електрична енергија со цел евентуалното поскапување на струјата за домаќинствата да не надмине пет проценти, најави премиерот Христијан Мицкоски.
На брифинг со новинарите, Мицкоски посочи дека моделот предвидува обезбедување јаглен од Косово за потребите на РЕК Битола, комбинирање со домашното производство и дополнителни количества од Грција, како и повторно ставање во функција на блокот 3 во термоелектраната.
— реклама —
Премиерот предупреди дека цените на електричната енергија и гасот на европските пазари се зголемиле и до трипати. Според неговите процени, струјата во наредните месеци би можела да достигне цена од 350 до 400 евра за мегават-час, додека гасот од претходните 28 до 30 евра сега достигнува околу 86 евра, а во одредени периоди надминува и 100 евра.
За обезбедување јаглен од Косово се подготвува логистички модел со кој би се транспортирале повеќе од 6.000 тони дневно, со ангажирање над 200 камиони. Тендерската постапка за транспорт и складирање е во тек, а се очекува да заврши до крајот на месецот.
Паралелно, Владата работи на рестартирање на блокот 3 во РЕК Битола. За снабдување со енергенси се планира железнички транспорт од пристаништето во Солун. Според Мицкоски, се обновува потребната инфраструктура, а во активностите се вклучени Министерството за транспорт и Македонски железници. Тој тврди дека со овој модел производната цена би била двојно пониска од претходната.
Во однос на хидроенергетските капацитети, премиерот рече дека прогнозите за зимата укажуваат на температури и врнежи малку над просекот, што би можело позитивно да влијае врз акумулациите и производството на хидроелектраните. објави Скопје1.мк






