Украина и ЕУ, Југославија и ЕЗ

Кица Колбе

Често во македонскиот печат, но, и во коментарите и прилозите на различните социјални мрежи, Македонците се дополнително гневни на ЕУ што се обидувала „на брза лента“ за прием во ЕУ да ја стави токму Украина.

Независно од геостратешките фактори, кои секогаш се дел и од политиката на ЕУ, имам чувство дека во македонската јавност, која како пак да пропадна во ставот на „жртва на историјата“, лесно се забораваат некои значајни факти. Во Украина секој ден умираат луѓе, бидејќи земјата е под агресија на Русија. Секој ден, додека прелистуваме најнови вести, се навикнавме да гледаме нови разурнати станбени блокови, детски играчки во урнатините кои толку потсетуваат на тие по Втората светска војна во европските градови, особено во тие во Германија. ЕУ е создадена за да се спречи токму тоа – во Европа луѓето да умираат од војна. Брзиот прием на Украина е средство за постигнување на мирот, хуманитарен гест и знак за Русија дека ЕУ уште стои на својата првична определба за борба против војните со обединување на народите. Тоа беше определбата на Аденуер и на Де Гол и е уште главна определба на ЕУ. Затоа не може да се споредува состојбата во Украина со состојбата во Македонија. И, фала Богу, што е така, што Македонија не се бори да стане членка на ЕУ во состојба на војна. Проблемот е во тоа што ние Македонците сме убедени дека цел свет мора да не‘ разбира нас и нашите проблеми кои, за жал, често се последица на нашата сопствена македонска разединетост и неспособност за прагматична меѓународна политика.

 

Понудата до ЕЗ за Југославија

Секако, кога ќе поминат војните и политичките кризи, луѓето, особено политичарите, почнуваат да паметат селективно. Во новите национални држави е одамна заборавено дека тогашната Европска заедница, пред да почнат војните во Југославија, се обиде да помогне таа да не се распадне, со тоа што би станала веднаш членка на ЕЗ. Што значи, ЕЗ тогаш сакаше да и‘ помогне на Југославија, како што сега ЕУ и‘ помага на Украина. За да се потсетиме на тоа, доволно е да се проследи сведоштвото на македонскиот претседател Киро Глигоров. Во своето интервју за „Слободна Европа” во 2008, тој сведочи дека највисоката „Тројка” на тогашната ЕЗ, составена од тогаш актуелниот претседател на европскиот Совет, Ханс ван ден Брук ( Холандија), неговиот претходник на истата функција, Жак Пос (Луксембург) и претседателот на Европската комисија, Жак Делор, ги поканила 1991 на средба претседателите на југословенските републики и им понудила, со политичка одлука, Југославија веднаш да биде примена во ЕЗ.

Условот на ЕЗ бил Југославија да остане во својата федерална форма и да не се распадне. Највисоките претставници на ЕЗ објасниле кои привилегии Југославија би ги имала доколку бил прифатен предлогот. Жак Делор ги информирал дека ЕЗ имала подготвена програма, која била прифатена од советот на министрите, на Југославија да и‘ се доделат 5,5 милијарди помош, според зборовите на Глигоров, како „инјекција” за да може програмата на Анте Марковиќ да продолжи со реформите. Им било објаснето на југословенските претставници кои се‘ банки ги нудат средствата за помош на Југославија. Во понудата на ЕЗ имало уште десетина точки, кои Глигоров не ги опишува детално, но вели дека сите заедно биле еден многу поволен аранжман. Пред се‘, им било кажано дека Југославија би била првата земја која би добила членство, пред сите земји од Источниот блок кои подоцна беа примени. ЕЗ била подготвена да го покрие долгот на Југославија од 20 милијарди долари, само да не дојде до војна.

Кој разумен политичар би одбил таква понуда? Само тогашните југословенски политичари кои веќе не живееја во реалноста, туку во идеализираното славно минато на нивните средновековни царства. Тие сакаа да ги „воскреснат” врз урнатините на сето тоа што граѓаните во Југославија го градеа безмалку половина век. Претседателот Глигоров раскажува дека на понудата на ЕЗ, Туѓман рекол дека тој има историска мисија да го обнови хрватското кралство, па затоа не го интересирале никакви милијарди. Милошевиќ јасно кажал дека е или за цврста федерација, со главен град Белград, или за ништо. „Тогаш нека оди секој на своја страна”, заклучил Милошевиќ кој, сепак, кога се одвои Хрватска, започна војна со неа. Според Глигоров, Изетбеговиќ рекол дека за БИХ е тешко и без Белград и без Загреб, затоа што таму имало три народи и тоа не можело да биде така, како што си замислувале Туѓман и Милошевиќ. А ако било така, „тогаш во Босна ќе има крв до колена”, предупредил Изетбеговиќ. Затоа што БИХ беа посебен ентитет во Југославија, тие тоа сакале да останат и понатаму, била желбата на Изетбеговиќ. Потоа претставниците на ЕЗ разговарале по еден час со секој претседател поединечно. На крајот, со жалење, заклучиле дека нема согласност за европската понуда.

 

Избегнување на многу „Скили и Харибди” за Македонија

Истата година, во јули 1991, по барање од Претседателството на Југославија, дошло до средба на Бриони со европската „Тројка”. Притоа е потпишано „заедничко коминике” со кое со конфликтните југословенски страни е договорен прекин на огнот и примирје, но и понатамошни преговори за иднината на Југославија. Договорено било преговорите веднаш да започнат, веќе во август 1991, при што требало да се земат во предвид сите аспекти за иднината на Југославија. Сите знаеме што следеше потоа, крвавиот распад на некогашната заедничка држава. На почетокот само војните во Хрватска и во БИХ, а потоа уследи и Косовската војна, како и кусиот воен конфликт во Македонија. Сето тоа можеше да се избегне доколку имаше разум и мудрост кај југословенските политичари. Да го прифатеа предлогот, немаше толку многу луѓе да загинат во братоубиствените војни, немаше да се уништи земјата, немаше да се посее толку омраза кон соседниот народ. Сите жртви од југословенските војни ги земаа на своја совест политичарите како Туѓман и Милошевиќ. Притоа, последиците се далекусежни, затоа што откако почнаа војните, светот во тоа што порано беше Југославија гледаше пак само „суров, крвожеден и примитивен Балкан”, бидејќи братските југословенски народи, по распаѓањето на заедничката држава, даваа најдобар пример за тоа.

Притоа само можеме да сонуваме колку брзо ќе се развиваше и демократијата и стопанството во Југославија како членка на ЕЗ уште од 1991-та. Денешните фрустрирани млади луѓе од Македонија, кои бараат подобра иднина во ЕУ и на Западот воопшто, доколку преживееше Југославија и брзо станеше членка на ЕЗ, денес ќе беа родени во ЕУ и ќе ги имаа сите привилегии на европските граѓани. Особено за Македонија ќе беше од суштествено значење тогашното брзо членство на Југославија во ЕЗ. Претседателот Глигоров истакнува дека во југословенскиот устав републиките биле дефинирани како самостојни држави. Што значи, Македонија немаше да биде изложена на долга блокада од Грција, затоа што Македонија ќе беше членка во федерацијата Југославија, а таа беше членка на ОН. Веројатно многу „Скили и Харибди” ќе беа мудро избегнати за Македонија, доколку беше прифатен предлогот на ЕЗ. Стремежот на Туѓман и на Милошевиќ за обновување на „илјадагодишното” Хрватство или Српство ги разбуди најстравотните призраци од балканското минато. Дури и проблемите на Македонија со Грција и со Бугарија се резултат на разбудените духови на балканското минато, токму откако се распадна Југославија. Колку и да беше несовршен системот во Југославија, идејата за обединување на тие народи, кои порано вековно живееја во антагонизам, во една заедница со една идеологија на „братство и единство” беше нешто многу слично на идејата на Аденауер и на Де Гол за европската заедница на народите. Сите поранешни југословенски републики, по војните побараа самите да станат членки на ЕУ. Некои станаа, некои се‘ уште чекаат во чекалницата на Западен Балкан. Сите се горди на своите национални држави, иако тие се далеку од кралства, а поблиску до „банана држави”, кои преживуваат само со перманентните „инјекции” од ЕУ. (Dw)

 

 

 

Back to top button
Close