Речиси целосен интернет-мрак во Иран – станува ли збор за намерна одлука на режимот

Само неколку часа по првите напади врз Иран, земјата повторно западна во речиси целосен интернет-мрак, со што драстично се ограничи протокот на информации и меѓусебната комуникација меѓу граѓаните. Според анализата на британскиот весник „Гардијан“, експерти за дигитална цензура оценуваат дека исклучувањето на интернетот претставува намерен потег на режимот кој се бори за опстанок и контрола.
Даг Мадори од компанијата за интернет-аналитика „Кентик“ посочува дека мал дел од прекините би можеле да бидат последица на оштетување на инфраструктурата во американските или израелските напади, можеби на оптички кабел. Забележани се неколку помали испади што погодиле повеќе мрежи, што упатува на можни технички дефекти како прекин на оптика или прекин во снабдувањето со електрична енергија. Сепак, стручњаците се согласни дека главниот дел од прекинот е резултат на свесна одлука на властите.
Истражувачите од „Проект Аинита“ и „Аутлајн Фаундешн“, организации што се занимаваат со интернет-инфраструктура и борба против дигиталната цензура, оценуваат дека станува збор за „контрола, а можеби и обид да се забави пропаста на режимот“. Според нив, доколку граѓаните би имале слободен пристап до комуникација, тие полесно би можеле да се организираат и да излезат на улиците.
Иран првпат целосно го исклучи интернетот на 8 јануари, по ескалацијата на антивладините протести поврзани со вредноста на националната валута. Потполниот прекин траеше речиси три недели, сè до 28 јануари, кога ограничувањата беа делумно ублажени. Во тој период, според проценки, во пресметките со демонстрантите биле убиени десетици илјади луѓе.
Експертите наведуваат дека најновиот прекин е речиси подеднакво сеопфатен како оној во јануари. Мобилните телефони функционираат во рамки на земјата, но врските со надворешниот свет се речиси целосно прекинати. Граѓаните без пристап до сателитски интернет или алтернативни канали остануваат целосно отсечени.
Прекинот дополнително ја зголемува збунетоста и стравот. Од една страна, недостигот на информации може да ги одврати луѓето од излегување на улица, бидејќи не знаат каде е безбедно. Од друга страна, токму таа неизвесност може да ги поттикне на собирање и протест. „Луѓето немаат начин да проверат дали нивните блиски се добро“, посочуваат истражувачите, додавајќи дека ризикот постои и за владата и за народот.
Контролата врз информациите има долга историја во Иран. Според експертите, властите во изминатите години поставувале и микробранови предаватели на покривите во Техеран за да ги попречуваат странските телевизиски и радио-сигнали. Таквите мерки, велат тие, се спроведувале и покрај можните здравствени последици за населението.
Актуелниот интернет-мрак кај многумина буди спомени на периодот по падот на шахот и на воените години, кога пристапот до информации за исчезнати членови на семејството или за состојбата во светот бил речиси невозможен.
Дополнителна тежина на ситуацијата ѝ дава фактот што Турција ја затвори копнената граница, а воздушниот простор е затворен. „Се создава чувство дека сте заробени“, наведуваат истражувачите, прашувајќи каде воопшто Иранците би можеле да заминат без виза. „Кога се затвораат границите и летовите, останува само чувството дека сте во стапица.“






