ССМ со повик за масовен протест: Во март платите мора да се зголемат
Сите членови на Сојузот на синдикатите на Македонија, како и работниците од други синдикати чии лидери не се залагаат за платите, се повикани да се приклучат на протестот во сабота во 12:05 часот пред Работничкиот дом. Повикот го упати претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Тој истакна дека работниците мора сами да се борат за своите примања, бидејќи платата е резултат на нивниот труд и не е подарок од работодавачите. Според него, предложеното усогласување на минималната плата од 1.667 денари е недоволно, особено во услови на постојан раст на трошоците за живот, при што синдикалната минимална кошничка во последните два месеци се зголемила за 2.000 денари.
Трендафилов нагласи дека околу 160.000 работници во земјава живеат со плата под прагот на сиромаштијата, што дополнително ја потврдува потребата од итно зголемување на минималната и останатите плати.
ССМ ја напуштил последната седница на Економско-социјалниот совет поради обидот минималната плата да се усогласи само на 1.667 денари. Протестот ќе започне пред ССМ, ќе продолжи пред Собранието, потоа пред Стопанската комора и ќе заврши пред Владата, со цел да се испрати порака за зголемување на платите на сите работници.







