Меѓу бомби и репресија: Психичкиот товар на животот во Иран

Луѓето во Иран живеат во воена зона. Нападите од Израел и САД се чини дека се концентрирани на Техеран, но бомби паѓаат и на многу други места низ целата земја. Нешто пред почетокот на војната, безброј луѓе излегоа на улиците за да демонстрираат против теократскиот режим. Државата брутално постапи против сопственото население, па протестите за слобода и демократија чинеа животи на илјадници Иранци.
Уште пред задушувањето на овие протести, луѓето живееја под строга влада. Тогаш, како и сега, таа речиси и да не толерира никакви отстапки од своето толкување на исламот. На пример, прецизно пропишува каква облека смеат да носат жените кога излегуваат од дома. Најмалите отстапувања се предмет на строги казни.
Покрај овие репресии, има и санкции против Иран кои ја влошуваат и онака веќе тешката економска состојба за многу луѓе во земјата. Бомбардирања, апсења и неизвесност за тоа како да се обезбеди егзистенција за семејството, или образование на детето – каков ефект имаат ваквите постојани стресови врз менталното здравје на една личност?
Хронична состојба на тревога ја зголемува веројатноста за ментални заболувања
„Бројот на психички заболувања, особено посттрауматско нарушување, анксиозност и депресија, се зголемени кај луѓето кои се хронично изложени на насилство“, вели психологот Дана Чурбаџи, која на Универзитетот во Минстер истражува ефекти од војна и раселување врз менталното здравје на луѓето. Таа вели дека „може да се забележи промена во перцепцијата кај засегнатите лица, во однос на тоа колку е безбеден светот и како тие го доживуваат сопствениот живот“.

За лица кои живеат со егзистенцијални неизвесности – како прекини на електрична енергија, недостаток на храна или губење на дигиталната комуникација – основните потреби се во центарот на вниманието, објаснува Чурбаџи. Некој што страда од студ, страв или глад има многу помала толеранција на стрес. Мали конфликти и несогласувања во нивниот личен живот може брзо да ескалираат. „Доколку овие основни потреби не се задоволени, зачестено се случуваат насилни испади во семејството“, објаснува психологот во интервју за ДВ и додава дека „од тоа страдаат социјалните контакти. А тие се всушност фактор број еден за отпорност.“
Со други зборови, лице со стабилни социјални односи, со луѓе на кои може да им се довери, има помал ризик од развој на посттрауматско стресно нарушување (ПТСН). Ако оваа заштита исчезне, ризикот од развој на нарушувањето се зголемува.
Кога се јавува посттрауматско стресно нарушување?
Во акутно стресна состојба кај многу страдалници сè уште не се манифестираат симптоми бидејќи мозокот е во режим на преживување. Ако мора да избегаат од својата татковина за да се доведат себе и своите најблиски на безбедно, посттрауматскиот синдром обично се развива дури потоа, објаснува Чурбаџи.
„Кога мозокот се обидува да се помири со минатото, се појавуваат симптомите. А, тие ја попречуваат способноста на лицето да ја обнови својата благосостојба по трауматско искуство“, вели Чурбаџи.
Кои се симптомите на ПТСН?
Луѓето со посттрауматско стресно растројство често ги покажуваат следните однесувања и симптоми:
• Избегнуваат да размислуваат за доживеаното
• Екстремни реакции на одредени тригери (на пример, криење под маса кога експлодира огномет)
• Флешбекови: сеќавањата за засегнатите лица имаат влијание како трауматските настани да се случуваат одново. Ова се нарекува и интрузивна меморија, на која лицето не може да ѝ се спротивстави.
• Цинични промени во личноста, која станува сомничава
• Силни чувства на вина – „вина на преживеан“
• Нарушувања на спиењето и тешкотии да се концентрираат
Во околина во која засегнатите лица не можат отворено да зборуваат за проблеми со менталното здравје, психичкиот стрес се манифестира и физички, вели Чурбаџи, во форма на главоболки, болки во грбот, менструални болки или замор.
Продолжен стрес во Иран наспроти еден трауматски настан
Притоа има голема разлика дали некој доживеал еден трауматски настан како што е напад или веќе долго време живее во услови на војна и насилство. „Политичкиот прогон [на дисидентите] во Иран трае веќе многу долго време. Протестите против режимот се постојано и брутално задушувани“, вели психотерапевтката Рита Роснер во интервју за ДВ. „Луѓето таму се непосредно засегнати од таквата долгогодишна трауматска состојба“, вели таа.
Таквата долгорочна состојба може да биде поголем товар отколку еден трауматски настан како сериозна сообраќајна несреќа. „Поединечни настани имаат помала веројатност да доведат до развој на стресни реакции“, вели професорката на Католичкиот универзитет во Ајхштет-Инголштат. „Со секој дополнителен [трауматски] настан, анксиозноста, депресијата и посттрауматското стресно растројство стануваат поверојатни“, додава таа.
И Чурбаџи вели дека низа трауматски искуства, како оние што се случуваат кога се живее во воена зона, се опасни, „особено кога се засегнати повеќе области од животот“. Некој што доживува не само бомбардирања и политичка репресија, туку и семејно насилство и сексуално вознемирување на работа, е особено ранлив на ПТСН.
Што е од помош за луѓето што доживеале траума?
Состојбите како ПТСН се лекуваат со психосоцијална поддршка, што вклучува групна или индивидуална терапија со професионалци за ментално здравје. Но, социјалната средина исто така може да биде корисна.
Чурбаџи објаснува дека лекарите, наставниците и верските водачи ги обучуваат локално за поддршка на своите пациенти и оние под нивна заштита во справувањето со траумата. Доколку помош не може да се пружа – од безбедносни причини или ако нема доволно квалификуван персонал на лице место – достапни се и онлајн ресурси.
Роснер посочува на Светската здравствена организација (СЗО). Под насловот „Управување со проблеми плус“, СЗО обезбедува документ на 23 јазици за да им помогне на луѓето да се справат со ментално стресни ситуации. Ниту една од овие методи не може да ги избрише трауматските искуства од војната од сеќавањето. „Не може да се појде од тоа дека она што се случило ќе може да се избрише“, вели Чурбаџи. „Но, повеќето луѓе можат повторно да водат исполнет живот“, порачува таа.






