САД привремено ги укинаа санкциите за иранска нафта за да го стабилизираат пазарот

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука за привремено олеснување на санкциите за иранска нафта, дозволувајќи ограничена продажба на веќе натоварени количини во наредните 30 дена, со цел да се намали притисокот врз глобалниот енергетски пазар.

Американскиот секретар за финансии Скот Бесент изјави дека со оваа мерка на пазарот би можеле да се тргуваат околу 140 милиони барели нафта, што би помогнало во стабилизирање на цените кои поради воениот конфликт меѓу САД, Израел и Иран пораснаа за околу 50 проценти и надминаа 100 долари за барел што е највисоко ниво од 2022 година.

„Со привремено ослободување на оваа веќе постоечка понуда, САД ќе донесат дополнителни количини енергија на глобалниот пазар и ќе помогнат да се намали притисокот врз снабдувањето“, наведе Бесент додавајќи дека мерката е временски ограничена и строго контролирана.

Според објавената лиценца на Министерството за финансии, дозволата важи за иранска нафта која веќе се наоѓа во транспорт и овозможува нејзино финализирање на продажба и испорака до 19 април. Истовремено, не се дозволуваат нови набавки или зголемување на производството.

Американските власти нагласуваат дека Иран нема да има лесен пристап до приходите од овие продажби бидејќи остануваат на сила ограничувањата во меѓународниот финансиски систем.

Ова е трет ваков чекор во последните две недели, откако САД претходно ги олеснија санкциите и за руската нафта што укажува на растечка загриженост во Белата куќа поради влијанието на високите енергетски цени врз економијата и претстојните избори во ноември.

Сепак, дел од аналитичарите предупредуваат дека ваквите мерки може индиректно да му помогнат на Иран. „Во суштина, му дозволуваме на Иран да продава нафта што може да се искористи за финансирање на воените активности“, изјави за Би-Би-Си Дејвид Таненбаум од Блекстоун комплајенс сервисес.

Бесент ги отфрли овие критики нагласувајќи дека станува збор за краткорочна мерка која не ја менува стратегијата за „максимален притисок“ врз Техеран.

Во меѓувреме, ситуацијата на енергетските пазари останува нестабилна. Ормускиот теснец како клучен поморски коридор преку кој минува околу 20 проценти од светската нафта и течен природен гас, е сериозно нарушен поради конфликтот, а дел од бродовите ја избегнуваат рутата.

Енергетските експерти предупредуваат дека без повторно отворање на теснецот, ефектите од олеснувањето на санкциите ќе бидат ограничени.

Покрај тоа, мерката најверојатно ќе има најголема корист за азиските пазари, особено Кина како најголем купувач на иранска нафта, додека испораките би можеле да пристигнат во регионот во рок од неколку дена.

Истовремено, Иран започнал разговори со Јапонија за можноста за делумно отворање на теснецот за одредени бродови што дополнително ја покажува комплексноста на кризата и нејзиното влијание врз глобалното снабдување со енергија. Јапонија зависи од Блискиот исток бидјеќи од таму добива 95 отсто од нафтата што им е потребна, а 90 отсто се транспортира токму преку Ормускиот теснец.

Извор: fokus.mk 

Back to top button
Close