Каранфилова-Пановска од Кочанско: Состојбата кај оризопроизводителите е катастрофална, потребна е итна помош


Состојбата во која се наоѓаат македонските оризопроизводители е катастрофална, а доколку не им се обезбеди итна финансиска поддршка, постои ризик догодина нивите да останат непосеани. На ова предупреди заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска, за време на нејзината посета на манифестацијата „Денови на кочански ориз“ во селото Горни Подлог.

Според неа, земјоделците се соочуваат со екстремно ниски откупни цени кои воопшто не ги покриваат основните трошоци за производство, како и со речиси целосен застој во откупот.

„Денеска нема откуп на оризот, а тој што се откупува е по цена од 16 денари за килограм, што е страшно понижувачки“,

истакна Каранфилова-Пановска.
Таа направи споредба со 2021 година, во време на Социјалдемократскиот сојуз, кога откупната цена била 42 денари.

„Денеска, кога земјоделците, оризопроизводителите, се соочени со сериозен пораст на цената на нафтата, на ѓубривата, на целата механизација, оваа цена апсолутно не ги покрива трошоците. Тоа што нема откуп е дополнително загрижувачки“,додава таа.

Каранфилова-Пановска потсети дека СДСМ веќе предложиле законско решение во Собранието со кое се предвидува дополнителна поддршка од 10 денари за секој произведен и откупен килограм ориз.

„Ги повикуваме владејачкото мнозинство, ВМРО и целата владина коалиција сериозно да го разгледаат и да го поддржат ова законско решение и со најавениот ребаланс до крајот на годината да ги обезбедат овие средства, за да можеме да сметаме дека догодина во Македонија ќе има земјоделие, ќе има оризопроизводители“,рече заменик-претседателката на СДСМ.

Back to top button
Close