Секогаш сме отворени за разговори со Северна Македонија, но без ултиматуми, вели бугарската претседателка Јотова

Патот на Република Северна Македонија кон Европската Унија не оди преку ултиматуми и ветувања, потребен е искрен дијалог. Ова го изјавила бугарската претседателка Илијана Јотова коментирајќи го барањето испратено од македонските власти со кое се бара билатерална средба.

 

Јотова, која вчера присуствувала во Благоевград на одбележувањето на 114-годишнината од ослободувањето на Горна Џумаја, рекла дека е умерен оптимист и оти ќе побара од шефицата на бугарската дипломатија Петрова-Чамова да ѝ го даде на увид барањето за средба во Софија.

 

Бугарската претседателка рекла дека не ги знае деталите од разговорот меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, но се надева дека овој пат „таа беше исклучително цврста“.

 

„За овој разговор да биде сериозен, Мицкоски мора многу добро да ја прочита европската политика во врска со проширувањето на Република Северна Македонија и да заборави дека ова е билатерално прашање, како што тој се обидува да го претстави. Ние секогаш сме биле отворени за разговори со нив, но разговори без ултиматуми и без отстапки од европската политика. Бугарија е дел од Европската Унија и не можеме да дозволиме земја која тргнала по европскиот пат да не ги прифаќа вредностите и доблестите на Европската Унија, а уште помалку да зборува со ултиматумски тон, но да останеме умерени оптимисти“ рекла Јотова во одговор на прашање кое го пренесуваат дел од бугарските медиуми.

Денеска, лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер на Бугарија, Бојко Борисов, вели дека треба да се исполни договорот за добрососедство и пријателство и дека не се бара ништо повеќе од тоа.

„Има договор потпишан од мене и нивниот премиер. И ние и Европската комисија не сакаме ништо повеќе од почитување на овој договор. Ние не сме непријатели, туку напротив“, рекол Борисов при посета на Русе, пишува БГНЕС.

Тој рекол дека со тој Договор и со францускиот предлог сè е јасно.

 

„Ние не сме непријатели, туку напротив. Ако тие го разбираат соседството како што го разбираме ние, нема да имаат никакви проблеми“, додал Борисов.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека сè уште немало одговор на барањето за билатерална средба со бугарската страна, кое министерството за надворешни работи и надворешна трговија го испрати во петокот.

 

 

На новинарско прашање што очекува од средбата, како и што би се случило доколку таа биде одбиена, Мицкоски рече дека во таков случај „уште еднаш ќе се потврдат сите оние тези коишто ние ги имаме и за што сме загрижени“, но додаде дека не го очекува тоа.

 

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во петокот информираа дека го испратиле барањето за средба меѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова, иницијатива што дојде по средбата на премиерот Христијан Мицкоски и претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, во Скопје.

 

 

Доколку дипломатската нота добие позитивен одговор од другата страна, средбата меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија би се одржала следната недела во Софија, на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8.

 

 

 

Back to top button
Close