Калајџиев за новиот притвор за газда Деко: Ако има правна држава судот требаше да го отфрли предлогот

По новиот притвор за првообвинетиот за случајот „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, се огласи и универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев. Смета дека вештачки се отвора нова истрага.
„Отворање вештачки нова истрага само за да се изигра законот е злоупотреба на правото! На рокот обвинителите требало да мислат кога за пожарот обвинија кого стигнаа! Судот треба да го отфрли тој предлог ако има правна држава“, објави Калајџиев.
Јованов останува во притвор, но ќе смени адреса. Наместо во кумановскиот, мерката ќе ја издржува во затворот во Шутка. Ден пред да излезе на слобода, Кривичен му изрече нови 30 дена зад решетки. Овој пат за друго дело, за давање поткуп, откако обвинителството за него отвори нова истрага, под сомнение дека потплатил во Министерството за економија за да добие лиценца за работа на клубот.
„Притворот е определен поради постоење на основите предвидени во член 165 од Законот за кривичната постапка (ЗКП), односно поради постоење опасност осомничениот да се даде во бегство, како и поради основан страв дека може да ја попречува истрагата со влијание врз сведоци. Мерката притвор започнува да се извршува од 3.10.2026 година, имајќи предвид дека лицето во моментот веќе издржува мерка притвор во предметот поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“, соопшти Кривичниот суд.
Одбраната смета дека притворот е конструкција, со цел на Јованов по секоја цена да не му се дозволи да се брани од слобода.
Јованов понудил и 195 илјади евра недвижен имот, како гаранција дека нема да бега, но обвинителството аргументирало дека тој имот освен што е дивоградба, не може да се стави под хипотека бидејќи е предмет на извршување.
Извор: fokus.mk






