КОЛКУ ВРЕДИ ИНСТИТУЦИОНАЛНАТА ГРЕШКА
Бројките се менуваат, прашањата остануваат
Трифун Костовски

Почитувани читатели,
Се чувствувам како жртва на системот, не затоа што очекувам институциите секогаш да одлучуваат во моја корист, тоа не е смислата на правната држава, туку очекувам нешто друго, нешто многу поедноставно. Кога институцијата ќе донесе одлука со која се уништува една банка, една инвестиција, еден капитал и години од животот на луѓето, таа одлука мора да биде објаснета со документи, факти и бројки. Сериозни одлуки бараат сериозни аргументи и докажани факти.
Правната држава не се мери според тоа колку моќни се нејзините институции, туку според тоа колку се подготвени да ја образложат сопствената моќ.
Еуростандард банка беше основана во 2001 година со странски капитал инвестиран од Швајцарија. Наместо дваесет години подоцна да зборуваме за развојот на таа инвестиција, денес влегуваме во седмата година од нејзиниот стечај. Сè уште ги поставувам истите прашања.
ОД 55 МИЛИОНИ ДО 27 МИЛИОНИ ЕВРА
ОЈО ГОКК во 2021 година отвори истрага во која јавно наведе 149 нефункционални кредитни изложености и штета од 3.378.030.720 денари, приближно 55 милиони евра. JORM
После, речиси шест години постапување, на 5 јуни 2026 година беше запрен конкретниот сегмент од предметот што се однесуваше на перењето пари. Значи, базичниот повод за отворање на оваа истрага беше „Перење пари”.
Потоа, во јули 2026 година, ОЈО ГОКК поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против мене, а како штета наведе 1.662.417.664 денари, приближно 27 милиони евра. JORM
Од приближно 55 милиони на приближно 27 милиони приближно има голема разлика! Речиси половина.
Бројките не се пресуда. Но кога бројките драматично се менуваат, институциите имаат обврска да објаснат зошто.
И тука е суштината на моето прашање. Како една шестгодишна истрага започнува со една економска слика, а завршува со значително поинаква?
Што точно се случило со разликата?
Која методологија била употребена?
Кој е оштетениот?
Кој е релевантниот датум за утврдување на штетата?
И како во таа пресметка се третираат наплатите што во меѓувреме ги реализира стечајната маса?
СТЕЧАЈОТ ПРОДОЛЖУВА ДА НАПЛАЌА
Стечајната постапка не е завршена, напротив, наплатите продолжуваат. Според информациите со кои располагам, преостанатите неплатени побарувања кон доверителите, вклучително и Фондот за осигурување депозити, денес не надминуваат десетина милиони евра. Имам сознанија дека во следниот период би можеле да бидат наплатени дополнителни 20 до 30 милиони евра. Овие две бројки ги наведувам како мои проценки, бидејќи како поранешни акционери немаме целосен пристап до консолидираната и ажурирана состојба на стечајната маса. Токму затоа барам тие бројки официјално да се проверат.
Замислете ја сликата за истрага започната со приближно 55 милиони евра, обвинение со приближно 27 милиони евра, а стечајната постапка продолжува да создава приливи.
Ако конечната економска реалност е различна од онаа врз која бил изграден почетниот наратив, државата има обврска да ја утврди разликата, а не да ја премолчи.
КОЈ ЈА ПРОВЕРИЛ НАРОДНАТА БАНКА
Тука доаѓам до прашањето што го поставувам со години. Дали ОЈО ГОКК во целост ги испитал документите, пресметките и супервизорските анализи врз основа на кои Народната банка ја донела одлуката за одземање на дозволата?
Не барам однапред да се прогласи дека Народната банка постапила незаконски, туку барам нешто поедноставно, ама да се провери.
На кој документ се темелела проценката на 12 август 2020 година?
Каква била точната капитална состојба?
Кои изворни податоци биле употребени?
Дали биле разгледани докапитализација, санација, администрација и потенцијален нов инвеститор?
Зошто тие можности не довеле до продолжување на работата на банката?
Кога една државна институција носи одлука со огромни последици, нејзината независност не смее да биде пречка за проверка на таа одлука.
ШТО НАВИСТИНА ЗНАЧИ ЧЛЕН 9
До Уставниот суд поднесов иницијатива во врска со член 9 од Законот за административни службеници. Важно ми е јавноста точно да знае што вели тој член. Законот предвидува дека режимот на Законот за административни службеници не се применува на вработените во Народната банка и на вработените во Уставниот суд. Тоа секако не значи дека тие лица имаат имунитет или дека не можат да одговараат.
Моето прашање е малку поинакво и ме засега зошто е избрано токму ова законско решение и дали посебниот режим обезбедува доволно јасна, независна и ефективна отчетност?
Токму тоа треба да се разгледува. Не барам Народната банка да биде ставена под дневнополитичка контрола, тоа би било погрешно.
Не барам политичка контрола врз Народната банка. Барам институционална контрола врз законитоста и отчетноста на нејзиното постапување.
Тоа се две сосема различни работи.
СОБРАНИЕТО И ОТЧЕТНОСТА
Во времето на мојот пратенички мандат го паметам односот меѓу Собранието и Народната банка кога бил многу поизразено присутен во политичкиот и институционалниот живот.
Историски, законската рамка предвидувала полугодишни и годишни извештаи на Народната банка до Собранието. Денес Народната банка има обврски за отчетност. Самата институција наведува дека Советот на Народната банка е одговорен пред Собранието и дека Народната банка редовно го информира Собранието за остварувањето на своите цели и задачи. Затоа, моето прашање не е дали формално постои отчетност, туку дали таа отчетност е доволно суштинска? Дали Собранието располага со ефективни механизми да постави тешки прашања за супервизорските одлуки?
Дали јавноста може да добие одговор кога една регулаторна одлука произведува последици вредни десетици милиони евра и кој го проверува регулаторот кога токму неговата одлука е предмет на сомнеж?
Институција која никој не смее да ја праша „зошто?“ не е посилна институција. Таа е послаба институција, бидејќи ја губи довербата на јавноста.
НЕ БАРАМ НИКОЈ ДА МИ ВЕРУВА НА ЗБОР
Сведоци сме колку е опасно кога одговорните позиции се претвораат во простор во кој стручноста, искуството и професионалната одговорност стануваат второстепени. Не сакам генерализации затоа што за секој конкретен човек треба да зборуваат неговите квалификации, неговите одлуки и резултатите од неговата работа. Истото правило го барам и за себе.
Не барам јавноста да ми верува на збор. Барам институциите да ги покажат документите.
Ако документите покажат дека Народната банка постапила правилно, тоа треба јасно да се види.
Ако покажат институционални пропусти и тие мора да се видат.
Ако покажат одговорност на акционерите или управата, нека се утврди.
Но истиот стандард мора да важи за сите.
КОГА КОНТРОЛАТА ОСЛАБНУВА, РИЗИКОТ РАСТЕ
Почитувани читатели,
не смееме неправдата да ја прифатиме само затоа што доаѓа од институција, но исто така не смееме ни институциите да ги обвинуваме без докази.
Потребно е нешто многу потешко, а тоа се:
контрола, проверка и одговорност засновани на факти.
Затоа мојата порака до Собранието е едноставна. Не ја загрозувајте независноста на Народната банка и користете ги сите законски механизми за нејзината отчетност да биде реална, јавна и суштинска. Независната институција и отчетната институција не се спротивности туку две страни на истата правна држава.
ЈАС ПРОДОЛЖУВАМ
Не барам недопирливи граѓани, но не прифаќам ни недопирливи институции.
Секој што има моќ мора да има и одговорност.
Секој што носи одлука мора да може да ја образложи.
И секој документ што ја содржи вистината мора да биде достапен за проверка.
Само така се гради држава.
Јас продолжувам.




