На дното на Тихиот Океан откриени над 11.000 вируси, повеќе од 99 отсто не биле познати

Научници открија 11.742 различни вируси во седиментите на дното на Тихиот Океан, а повеќе од 99 отсто од вирусните групи не се застапени во досегашните научни бази на податоци.
Откритието е направено во зоната Кларион-Клипертон, огромно подрачје на длабокото морско дно познато по големите резерви на полиметални нодули. Резултатите од истражувањето се објавени во научното списание Nature Communications.
Истражувањето го спровеле Бовен Хоу и Лилан Жанг од Универзитетот во Чонгкинг и Донг Сун од Вториот институт за океанографија во Кина.
Примероците од седиментите биле собрани во текот на 2023 и 2024 година. Научниците од нив издвоиле ДНК и РНК, а потоа со секвенционирање создале голем каталог на вирусите што се наоѓаат во овој дел од океанското дно.
Резултатите покажале исклучително голема разновидност. Повеќе од 99 отсто од идентификуваните вирусни кластери не биле застапени во постојните референтни бази, а вирусите покажале мало преклопување со оние пронајдени во други длабокоморски живеалишта.
Голем дел од нив се поврзуваат со бактерии и археи кои имаат важна улога во кружењето на јаглеродот, азотот, фосфорот, сулфурот и металите во екосистемот.
Истражувачите утврдиле и дека вирусите носат помошни метаболички гени со кои потенцијално можат да влијаат врз метаболизмот и преживувањето на организмите што ги инфицираат. Анализите укажуваат и дека размената на гени меѓу вирусите и нивните домаќини може да им помага на микроорганизмите да се приспособат на средина богата со метали.
Зоната Кларион-Клипертон е од голем интерес и поради огромните количества полиметални нодули на морското дно. Тие содржат метали како манган, кобалт, никел, литиум и цинк, поради што подрачјето е потенцијална локација за идно длабокоморско рударство.
Токму можните рударски активности се една од причините за истражувањето. Авторите сакаат да создадат почетна слика за микробниот екосистем пред евентуалното започнување на експлоатацијата, за во иднина да може да се процени нејзиното влијание врз животната средина.
Рударството би можело физички да го наруши морското дно, да ги подигне седиментите и повторно да ги наталожи на други места. Претходни истражувања покажуваат дека влијанието на длабокоморското рударство може да се прошири и надвор од самото морско дно и да влијае врз пошироките екосистеми.
Научниците посочуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди како евентуалното рударство би влијаело врз новооткриените вируси, нивните микробни домаќини и процесите во кои тие учествуваат.
Извор: skopje1.mk






