„Зошто не ме контактиравте и мене?“, праша докторот кој штрајкува со глад откако Асоцијацијата на специјализанти му засврте грб

Доктор Дарко Василевски, кој и натаму штрајкува со глад пред Медицинскиот факултет во Скопје јавно ѝ одговори на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, откако таа објави став за неговиот случај и информации добиени од Деканатот.

Василевски во коментар на нивното соопштение наведува дека жали што Асоцијацијата не го контактирала и него пред да го објави својот став и оспорува дел од информациите што биле објавени.

„Не постои ПЗУ ‘Медикус Хелп’ каде што јас сум бил вработен. Сè уште немам 46 години“, напиша Василевски.

Тој се осврна и на наводите за неговата приватна специјализација. Асоцијацијата претходно соопшти дека специјализацијата била финансирана од неговиот тогашен работодавач, а по престанувањето на работниот однос престанало и финансирањето. Во објавата беше наведено и дека специјализацијата во септември 2026 година му била прекината поради незавршување во рокот предвиден со Правилникот.

Василевски вели дека причините поради кои не ја платил навреме специјализацијата биле финансиски, но дека обврските сега се целосно подмирени.

„Во однос на специјализацијата, точно е дека од финансиски причини не бев во можност да ја платам навреме. Но, сега е целосно подмирена и дадени ми се насоки од Деканатот како понатаму согласно важечките правила и прописи“, напиша тој.

Василевски побара од Асоцијацијата да објасни и врз која правна основа објавила информации за финансирањето на неговата специјализација.

„По кој закон, член и став изнесувате податоци за финансирањето на мојата специјализација и дали знаете каков договор имало помеѓу мене и правниот субјект кој непотребно го напоменувате?“, прашува Василевски.

Тој го оспорува и образложението за критериумите според кои биле избрани кандидатите на последниот конкурс.

Асоцијацијата претходно соопшти дека избраните кандидати имале просечен успех од 9,29 и 9,21, додека просекот на Василевски бил 8,20. Според нив, избраните кандидати биле подобро рангирани врз основа на однапред утврдени, мерливи и проверливи критериуми.

Василевски сега прашува врз која правна основа просекот од формалното образование бил земен предвид при изборот.

„Како пример ќе ви го наведам одговорот на еден од претходните конкурси кога со кандидатот кој беше примен имавме слични просеци, па како предност беше наведено дека тој познавал повеќе странски јазици. Дали критериумите се менуваат на секој оглас зависно од квалификациите на предодредениот кандидат или се стандардни и важат на сите?“, напиша Василевски.

Асоцијацијата во својата претходна реакција наведе дека возраста на Василевски не претставувала критериум за вреднување или рангирање и дека неговото тврдење оти возраста била причина за неизбор не е поткрепено со конкурсните критериуми.

Василевски претходно тврдеше дека возраста му била посочувана при претходни конкурси. Во новиот коментар дополнително ја оспорува и информацијата дека има 46 години.

Тој одговори и на повикот на Асоцијацијата да се пријави во најавениот процес за вработување на околу 300 приватни специјализанти.

„Во однос на огласот за вработување кој го најави министерот за здравство за прием на 300 приватни специјализанти, можам да ви кажам дека досега имам аплицирано на повикот четири пати и никој ме нема контактирано“, напиша Василевски.

Асоцијацијата претходно апелираше Василевски да го прекине штрајкот со глад поради ризикот за неговото здравје и несогласувањата да продолжи да ги решава преку институционалните и законските постапки.

Back to top button
Close