Кому му служат недопирливите институции
Трифун Костовски
Станувам здодевен со мојата борба за вистината околу стечајот на Еуростандард банка, но секој што не почувствувал таква неправда врз својот грб, нема да ме разбере
Верувајте ми, ова правна борба одамна не е само моја борба. Во вас ја гледам поддршката не само за мене и моето семејство, туку и за илјадници мои сограѓани кои во различни животни ситуации се соочиле со истото горливо прашање.
Кој ги штити граѓаните кога проблемот не е до нив, туку до институциите?
За да изградиме вистинска држава во која човекот ќе се чувствува сигурно, не е доволно да имаме закони. Потребни ни се институции кои ги применуваат тие закони еднакво за сите и силен, независен и одговорен правосуден систем.
ШЕСТ ГОДИНИ ИСТРАГА
По речиси шест години истрага на ОЈО ГОКК, започната со најтешки сомневања, вклучително и за перење пари, денес дојдовме до состојба која сама по себе отвора сериозни прашања.
На 5 јуни 2026 година беше запрен сегментот од истрагата што се однесуваше на перење пари..Само еден месец подоцна, во јули 2026 година, истото обвинителство поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против мене за несовесно работење во службата. ОЈО ГОКК и јавно го потврди поднесувањето на обвинението. Потоа, на 18 септември 2026 година, Специјализираното судско одделение за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје се огласи за стварно ненадлежно да постапува по предметот.
Кога не би било болно, човек навистина би помислил дека гледа апсурдна претстава. За жал, ова не е претстава, ова се човечки животи и судбини, заробени во институционален криминал. Веќе шест години како се допираат најболните теми, како што се семејството, угледот, имотот и секако државата, затоа што држава без правда не може да си ги штити граѓаните.
Институционалната грешка не е апстрактна работа. Таа секогаш има човечка цена. И име, кое стои зад тоа.
КОЈ ЈА ИСТРАЖУВА ИНСТИТУЦИЈАТА?
Дојдовме до прашањето кое ме прогонува сите овие години. Ако ОЈО ГОКК шест години имало капацитет да ја истражува Еуростандард банка, мене, моето семејство и други лица, зошто со иста темелност не се истражени и околностите под кои е донесена одлуката за одземање на дозволата на банката?
Зошто не се ставени под лупа сите документи, пресметки,супервизорски анализи, алтернативните мерки, можноста за санација, докапитализацијата, потенцијалните инвеститори,ефектот од COVID-мерките и сите други околности што доведоа до одлуката на 12 август 2020 година?
Не тврдам дека секоја институционална грешка автоматски е кривично дело, но тврдам нешто многу поедноставно.
Ако само еден граѓанин е должен да ја докажува секоја своја постапка, тогаш и институцијата мора да биде способна да ја покаже документацијата врз која донела одлука што уништила една инвестиција.
ЗОШТО НЕ СЕ ПОСТАВЕНИ И ДРУГИТЕ ПРАШАЊА?
Со години постојат информации, документи и сведочења кои отвораат прашања и за постапувањето на НБРСМ. Не сакам однапред да обвинувам никого, но ако постојат индиции за селективно, непропорционално или нееднакво постапување, тогаш тие мора да бидат проверени..Независноста на Народната банка не смее да значи дека нејзините постапки не можат да бидат испитувани.
Независноста не значи недопирливост. Самостојноста не значи неодговорност.
Истото важи за обвинителството, за судот и за мене.
ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА – КАДЕ СЕ ФАКТИТЕ?
Посебно прашање претставува депозитот од приближно три милиони евра на Еуростандард банка во Комерцијална банка.
Не сакам да изнесам конечна правна квалификација пред надлежните органи да ги испитаат сите факти. Но сакам јавно да прашам:
врз основа на кој правен акт е располагано со тие средства?
Кој донел одлука?
Кој ја одобрил?
Дали постоеле сите потребни корпоративни согласности?
Каде завршиле средствата?
Ако сè било законито, тогаш документите ќе го покажат тоа
Ако не било, некој мора да одговара.Тоа се единствените нормални принципи во правна држава.
ШТЕТАТА КОЈА ПОСТОЈАНО СЕ МЕНУВА
Во почетокот јавноста слушаше бројка од приближно 52 милиони евра. Подоцна во обвинителската конструкција се појави значително понизок износ. Во меѓувреме, стечајната постапка продолжува. Се наплатуваат средства. Се распределува стечајната маса.Се намалуваат обврските. И токму затоа денес прашањето е едноставно:
Која е вистинската нето-штета?
Јавното обвинителство во 2021 година тврдеше дека нефункционалните изложености изнесувале 52 милиони евра и дека тие довеле до штета. Денес, по повеќегодишни стечајни наплати, сумата која е сѐ уште недостапна до јавноста, а се претпоставува дека таа е, не повеќе од 10 милиони евра, при сѐ уште отворен стечај каде се очекуваат повеќе десетици милиони евра прилив.
Токму затоа е нужно да се направи јасна разлика меѓу тогашната бруто проценка и денешната реална економска состојба.
ВЛЕГОВ ВО МАКЕДОНИЈА КАКО ИНВЕСТИТОР
Во Македонија влегов со странски капитал во еден од најтешките периоди во поновата историја на државата, во 2001 година..Мојата намера не беше да изнесам капитал од Македонија, туку напротив, да го внесам.
Сакав со сопствен пример да покажам дека верувам во државата во која сум роден.Верував дека капиталот, знаењето, искуството и контактите што ги стекнав работејќи во светот можат да бидат ставени во функција на Македонија. Денес, по сите овие години, имам право да прашам:
Што добив за возврат?
Шест години сомнеж.
Замрзнат имот.
Нарушен углед.
Удар врз угледот на моето семејство.
И инвестиција чија вредност беше уништена.
Не барам сожалување.
Барам одговорност.
КОЈ ЌЕ ЈА ПЛАТИ ЦЕНАТА?
Ако се утврди дека институциите постапиле правилно, јас ќе морам да го прифатам тоа.
Но, ако се утврди дека биле направени сериозни грешки, тогаш мора да постои одговор и на следното прашање:
Кој ја плаќа цената кога државната институција ќе погреши?
На крајот, таа цена не ја плаќа апстрактната „држава“ туку конкретно ја плаќаат граѓаните
Токму затоа борбата за институционална одговорност не е борба против државата. Напротив. Тоа е борба за држава во која еден човек нема да мора шест години да докажува дека има право институцијата да му објасни зошто му го уништила животот или имотот.
ВРЕМЕТО СТАНА МОЈ СОЈУЗНИК
Порано мислев дека времето работи против мене..Денес мислам спротивно. Со секој нов документ, со секое ново сведочење, со секоја институционална одлука, со секоја контрадикторност што излегува на виделина, сликата станува појасна.
Времето може да ја одложи вистината. Но не може засекогаш да ја сокрие.
Не сум зависник од материјалното. Парите се создаваат и се губат. Бизнисите се создаваат и пропаѓаат. Но, кога се работи за образот, името и честа, таму за мене компромис нема.
НЕДОПИРЛИВИ ИНСТИТУЦИИ НЕ ПОСТОЈАТ ВО ПРАВНА ДРЖАВА
Во мое име, но и во име на сите мои сограѓани кои некогаш го почувствувале камшикот на институционалната моќ, прашувам:
Кој одговара за изгубените години?
Кој одговара за уништениот углед ?
Кој одговара за семејствата?
Кој одговара за пропаднатите инвестиции?
Кој одговара ако една институција, наместо да го штити законот, го применува погрешно?
Шестгодишната истрага од мене направи борец.
И денес сум убеден дека со моето искуство, знаење и енергија можам уште многу да создадам за себе, за моето семејство и за мојата татковина.
ДАЛИ МОЖЕМЕ ДА БИДЕМЕ ПОДОБРИ?
Понекогаш се прашувам, дали во нас Македонците постои некакво проклетство постојано да се делиме, да се уриваме и да не им се радуваме на туѓите успеси?
Ќе го дочекам ли денот кога ќе разбереме дека држава не се гради со завист, страв и институционална сила, туку со чесност, љубов, хуманост, знаење, уметност, спорт, култура, работа и почитување на човекот.
Јас сè уште верувам дека тој ден ќе дојде, само ако престанеме да молчиме. Ја продолжувам мојата мисија, мојата борба, мојата истрајност за докажување на правдата.






