Кој шири паника за Алта банка?

Манипулациите секогаш се препознаваат кога од власта се бара одговорност, веднаш расправата се префрла на друг терен, а најмалку на направените злоупотреби и катастрофални грешки, како што е случајот со Алта банка

Ерол Ризаов

 

Сите граѓани и компании кои биле оштетени што навреме не можеле да ги подигнат своите пари од Алта банка ќе бидат обештетени за загубите и за стресот што го доживеале. Покрај своите пари ќе добијат паричен надомест за штетата, а „многу добро стоечката банка“ ќе биде дополнително казнета што не реагирала навреме иако имало доволно пари.

Ова го „јавија“ специјалниот финансиски регулатор на Македонија, премиерот Христијан Мицкоски, и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

Упс, грешка длабоко се извинувам за овој црн хумор, грешката е поради тоа што ми се измешаа текстовите за две други банки и две други држави.

Имено, за многу помала грешка, пропусти, или да ги наречеме неажурност, германскиот финансиски регулатор Бафин го казни банкарскиот џин Дојче банк со осум милиони евра поради неправилности при префрлањето на клиентите на нејзината подружница. Казната, за која регулаторот јави неодамна се однесува на пропусти од 2023 година, кога дел од клиентите со недели немале пристап до своите пари, плаќањата им биле одбивани, а банката не успевала навреме да одговори на зголемениот број жалби.

Од вкупната казна, 5,5 милиони евра се изречени поради ненавремено постапување по клиентските жалби, додека преостанатите 2,5 милиони евра се однесуваат на доцнењето при преносот на инвестициските портфолија. Станува збор за сметки на клиентите кои банката била должна да ги префрли без непотребно одлагање.

Се разбира, немам намера да ја споредувам Германија и Македонија во што било, тоа би било многу глупаво, но секако е убаво да се слушне и прочита една таква вест како тоа се прави за помали пропусти во земјите каде што има стручни и назависни финансиски регулатори и каде важаат строгите закони за заштита на граѓаните и компаниите. Дојче банк ги плати казните и штетите што не презела соодветни организациски мерки од ненавремено справување со зголемениот број жалби и доцнење до пристапот на клиентите на своите пари.

 

Виновниците стануваат спасители

Можете ли да замислите што би се случувало да влезе во банкарскиот систем на која било земја во ЕУ банка од типот на Алта банка и газда од типот на Давор Мацура. Немојте ништо да замислувате оти тоа не може да се случи. Да, банки можат да банкротираат и тоа се случува, ама еден ваков криминален „уљез“ да влезе во банкарскиот систем и финансиските текови на една држава и покрај јавните предупредувања како што тоа се случи во Македонија, јасно упатува на состојбите во банана држава, мацедонише цуштенде, каде авторитарните „регулатори“ се во високите ешалони на политиката.

Еве како тоа изгледа во Парагвај, држава во Јужна Америка, која на почетокот на ноември западна во длабока политичка и финансиска криза откако централната банка, значи како нашата Народна банка, ја затвори Уено банка поради неликвидност со што беа замрзнати заштедите на околу три милиони луѓе. Тоа предизвика масовни демонстрации. Истрагите открија дека оваа банка доделувала ризични и необезбедени кредити на фиктивни компании поврзани со нејзината матична групација, додека истовремено чувала 850 милиони долари државни средства. Поради силниот револт на јавноста за неговите претходни финансиски врски со матичната компанија на банката и назначување на нејзиниот директор на чело на централната банка претседателот на државата, Сантијаго Пења, беше отповикан, сменет од функцијата од страна на Конгресот. Откако му беше одземен имунитетот Пења беше уапсен и ставен во притвор заедно со десетици вмешани функционери.

Ќе кажете се работи за различни случаи што е точно, но обрнете внимание на истрагите и на финансиските контролори и на надлежните институции, но и на граѓаните. Она што е најстрашно во нашиот случај е што виновниците стануваат спасители според редовното правило „држте го лоповот“. Само неколку часа по експлозијата на скандалот со Алта банка следува канонада на обвинувања од власта на политичкиот противник, „слабата“ опозиција, дека шири паника, се радува и многу е среќна што се затворени шалтерите на банката, што луѓето чекаат со недели и не можат да ги подигнат своите пари.

 

Како премиерот одговара на пратенички прашања

Успех станува и фактот да можат да се подигнат десет илјади денари неделно свои пари, по три лажичиња дневно за да се преживее. Оправдувањето и релативизацијата во првите денови беше во арогантниот вмровски стил дека сѐ било чисто до статистичка грешка и банката била во добра финансиска сотојба. Сите ќе бидат обесштетени за да стасаат работите дотаму да се откријат документи дека уште 2023 година тогашната влада, денешната опозиција, ги отворила вратите на Алта банка за влез во Македонија. Види, види мајката, тие намерно ги отвориле вратите пред три години за банката на Александар Вучиќ да влезе непопречено дури 2026 година. Се разбира, се работи за сосема друга владина одлука од 2023 година која нема врска со сегашниот скандал со Алта банка. Класичната ефтина манипулација на премиерот Христијан Мицкоски брзо е разоткриена, но ефектот е постигнат тоа да биде ударна вест во партиските медиуми.

Цинизмот и ароганцијата оди дотаму да се каже со други зборови – ти зборам ќерко сети се снао – штета што падна менторот Вучиќ на избори, ако победеше ќе немаше никаков проблем. Брзорастечката банка ќе си работеше турбо, а власта во Македонија ќе прокнижеше уште повеќе поени на најуспешната економија во Европа.

Тоа што падна банката истиот ден кога падна и власта во Србија кај нас не кажува ништо, бидејќи партиската пропагандна манипулација и медиумска провладина машинерија веднаш знаеја кој е виновникот, како и за сите наши несреќи, велепредавства, грешки и криминали. Секогаш е така кога за своите грешки и нефункционални институции под притисок на политиката експресно се однесуваат како да се во опозиција. Манипулациите секогаш се препознаваат кога од власта се бара одговорност. Веднаш расправата се префрла на друг терен, а најмалку на направените злоупотреби и катастрофални грешки, како што е случајот со Алта банка.

Се наметнуваат расправи на сосема друга тема, се релативизира одговорноста со лански праски. Се оди до таму како што се случи деновиве во Собранието да се избегнат пратеничките прашања со разни трикови за мерење на времето и на собраниската пауза. Но, сеедно и да се поставеа прашањата одговорите на главниот „финансиски регулатор“, премиерот Мицкоски, главно се негови контра прашања кои немаат врска со пратеничкото прашање. Наместо да одговори тој прашува, па самиот одговара на своите прашања. Следуваат жестоки обвинувања и закани дека се предзвикува намерно паника кај граѓаните и клиентите на банката, иако е кристално јасно дека кога ќе се затворат шалтерите и пристапот до своите пари оправданиот страв неминовно предизвикува паника, дури никој од опозицијата да не изусти ни збор.

Кога си највисоко стрмоглавиот пад е најсилен

Премиерот нека се соочи со своите симпатизери и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ кои имаат пари во Алта банка кои ќе му објаснат убаво кој ја направи паниката. Стравот за своите заштеди поради затворени шалтери на Алта банка, зад кој стои политиката на властите во Србија и во Македонија и покрај сите предупредувања ја предизвикаа паниката. Според нивниот образец кога се на власт „конструктивната“ опозиција треба да даде поддршка, или во најмала рака да молчи, во спротивно кривичните пријави за создавање хаос и паника веќе се пишуваат.

Ете така скандалот со Алта банка стана нов успех на ВМРО-ДПМНЕ и на премиерот Христијан Мицкоски, а опозицијата виновник, бидејќи се радувала и ги отворила вратите на оваа банка пред повеќе од три години. Секогаш кога ќе се открие скандал, тешка злоупотреба на власта, веднаш следува партиска кампања со резултатите од најновото истражување на јавното мислење каде ВМРО-ДПМНЕ има огромна поддршка и се движи во правилна насока на амбисот. Пораката е јасна – внимавајте што правите, што зборувате и пишувате, оти многу сме јаки.

Но, има и една друга порака која не е во нарачаните партиски анкети, тоа е историска закономерност: сѐ има век на траење. Кога си највисоко стрмоглавиот пад е најсилен. (Nezavisen.mk)

Back to top button
Close