КЛУБ ЗА ПУШЕЊЕ

Животот е евтин, само што ние не знаеме правилно да го пресметаме.

КЛУБ ЗА ПУШЕЊЕ

1Што е битно кој ќе поднесе предлог-закон за заштита од семејно насилство ако ти е битно да ги спасиш жените од убивање? Ова, бре, како на власта да ѝ е криво дека пратеничката на ЛДП Моника Зајкова побарала насилниците во семејството да носат електронски нараквици за следење, па дури организираше и собирање потписи, а министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека МВР веќе има подготвено свој закон.

Седум жени се убиени за десет месеци само затоа што се жени. Зарем тоа не е доволна причина, ако веќе има готов предлог-закон, Собранието да го изгласа? Треба ли да се заштитат жените, или не? Тоа е поважно, или за власта е поважно кој прв го предложил законот, оти не дај боже да прифати туѓа идеја?

Имаме седум убиени жени само оваа година во држава во која којзнае дали во моментов живеат повеќе од милион и пол луѓе. Власта има комотно мнозинство во Собранието за да го изгласа законот. Дури и консензус може да обезбеди со опозицијата, ако не ги држи партискиот инает. И претседателка на државата имаме, која не верувам дека би стави вето на закон што ќе ги заштити жените.

За електронска нараквица ќе се расправа со месеци. За тоа време, некоја друга жена ќе се обидува да преживее до утре. А власта ќе се надмудрува со опозицијата кој прв се сетил да ја спаси. Ама, не ја спасил. Оти и последната жртва, 17-годишната Билјана од Богданци го пријавила насилникот пред да ја најдат убиена во опожарена кола.

Колку пати требала да го пријави за да не ја убие?

2Којзнае, ако го изгласаат законот со кој ќе ги заштитат жените од убивање, можеби пратениците ќе го скршат мразот па ќе донесат и други закони за општо добро, а и ќе дадат добар пример за граѓаните. Ама, не верувам. Во сегашниот состав на Собранието има навреди, говор на омраза, непристојни гестикулации… Сè и сешто има, само нема дијалог.

Последниот пример е седницата на која требаше да има пратенички прашања само за опозицијата. Не дојдоа премиерот и министрите, па опозицијата побара пауза за претседателот на Собранието Африм Гаши да ги најде. Потоа, владејачкото мнозинство побара уште една пауза. И додека се одмараа од неработење, помина времето за пратенички прашања. Па како капак на сè, уште и еден пратеник од мнозинството убедуваше дека министрите биле во салата, ама новинарите не ги виделе.

Кој ги научил така да се однесуваат? Данела Арсовска ли ги научила? Или таа им беше експериментот што го изгласаа за градоначалничка на Скопје на кој вежбаа како се владее без да се одговара на прашања, како се носат одлуки со инает и како се префрла одговорноста на некој друг?

Каква и да е опозицијата, и за тие пратеници некој гласал. И тие претставуваат некое гласачко тело. На крајот на краиштата, ова арогантно игнорирање не е непочитување на опозицијата. Ова е непочитување на Собранието

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close