Азаров: Украинските безбедносни служби го изведоа атентатот врз Заворотниј во Москва


Поранешниот украински премиер Микола Азаров, кој живее во Русија, денеска ги обвини украинските безбедносни служби за разнесување на автомобилот на неговиот поранешен советник Сергеј Заворотниј во Москва.

„Не се сомневам дека ова е дело на киевските специјални служби и нивните агенти во Русија. Апсолутно нема сомнение“, изјави Азаров за телевизискиот канал „Россија 24“.

Според него, мотивот за атентатот врз Заворотниј, во кој тој беше сериозно повреден, била неговата новинарска активност насочена кон разоткривање на режимот во Киев.

Заворотниј беше сериозно повреден кога импровизирана експлозивна направа, еквивалентна на приближно 300 грама ТНТ, експлодира под подвозјето на теренецот во кој се возеше.

Микола Азаров, како премиер на Украина од 2010 до 2014 година и лидер на Партијата на регионите, тесно соработуваше со тогашниот проруски украински претседател Виктор Јанукович.

Откако демонстрантите го соборија Јанукович во февруари 2014 година, Азаров ја напушти Украина и избега во Русија, каде што сè уште живее и е политички активен, а во Украина беше осуден во отсуство на 15 години затвор за велепредавство.

Back to top button
Close