ЛДП до премиерот: Со еден потпис можеш да ја запреш застареноста, ја имаш нашата поддршка, што чекаш?!


Премиере, доста е од празни алибија, манипулации и глумење фрапираност од судството кое сам го оставивте на цедило! Многу добро знаеш дека со еден единствен потпис на следната владина седница можете да пуштите закон во Собранието по скратена постапка со кој ќе се зголемат роковите на застареноста за делата кои го оштетуваат буџетот, токму онака како што Либерално-демократската партија (ЛДП) бара во континуитет веќе пет години – се вели во соопштението на Либерално-демократската партија коешто МИА го објавува интегрално.

Ја имаш целосната и недвосмислена поддршка од ЛДП да го направиш тоа уште вечерва, но очигледно политичката волја кај тебе целосно отсуствува бидејќи вистинската цел ви е сокриена во скандалозните измени на Кривичниот законик кои вашето мнозинство ги изгласа два пати без никакви интервенции во овој дел.

Нејсе, немој да ни се продаваш за заштитник на правдата и да ја префрлаш вината исклучиво на судиите и Врховниот суд, кога народот не е глупав да не гледа каде лежи вистинската моќ! Ти раководиш со оваа власт, ти го командуваш собраниското мнозинство и ти имаш инструмент да го решиш ова во две минути. Наместо да кукаш по телевизиски студија дека „бадијала е сето злато на светот ако нема одговорност“, зошто молчиш кога твоите пратеници ги отвораат вратите за амнестија и овозможуваат криминалот неказнето да цвета?

Фрустрирани сме од тебе и од твојот лицемерен систем кој ги штити привилегираните, а го удира обичниот граѓанин по џеб! Имате моќ, имате институции, ја имате и нашата поддршка на располагање – изменете го Кривичниот законик веднаш или престанете да лажете и да нè мачите сите нас со евтини театри!

Либерално-демократска партија

Back to top button
Close