НОВОТО НОРМАЛНО ВЕЌЕ НЕ Е НОРМАЛНО

м-р. Глигор Стоименов

“Диктатурите паѓаат“, “Америка се враќа“, беа само дел од насловите низ медиумите во САД по завршување на изборите за Конгресот и Сенатот или “меѓуизбори“ како што тие ги нарекуваат. Очекувањата на тамошните експерти и аналитичари се дека победата на демократите ќе биде уште повеќе изразена на претседателските избори во 2028 година!! Останува да видиме.
“Новото нормално“ кое некои политичари овде кај нас го прогласија пред нешто повеќе од две години како “крај на историјата“, па побрзаа да бидат во периметарот, очигледно дека веќе завршува. Тоа не го разбираа тогаш нашите владини претставници иако им кажувавме и пишувавме ама од секогаш биле аматери за меѓународна политика и поимањето на нејзините “непишани“ правила! Тие го разбраа новото нормално како победа на автократијата над демократијата и побрзаа и тие да станат автократи, јас ги викам “али експрес“ авторитарци затоа што се прилично неспособни и тоа да бидат. Па носени на крилјата на тој бран потрчаа и непоканети на инаугурација и “баци рака“ кај “врховниот лидер“ на светот иако не го видоа, ниту ќе го видат, ама ги седнаа таму на стадион со навивачки групи да се сликаат и да се рекламираат по социјалните мрежи за нивниот голем успех. За нашите несудени авторитарци новото нормално значеше дека сега нема никој да им се меша во тоа како владеат, ќе прават што сакаат, без контрола, без надзор ќе бидат како што вели деновиве еден политичар! Ќе сме биле слободарски народ како што велеше веќе поранешниот претседател на Република Србија! Слободарски народ за авторитарците значи дека нема да е..т жива сила и ќе владеат како што сакаат!! Тоа е таа тажна ситуација која се случуваше и се уште се случува на Балканот изминатиов период!
Па во таа насока овие нашиве прогласија и мораториум на интеграцијата на Македонија во ЕУ со една измислена и голема заблуда дека ќе го бранеле идентитетот и со најглупавиот аргумент слушнат до сега во политиката, “ама што ако пак не блокираат“?? Демек вака ќе ни биде ептен подобро, да останеме неблокирани, што е сигурно е сигурно!! Но вистината е дека “не сакаме во ЕУ“ туку сакаме да бидеме слободарски народ, односно авторитарци!! Не го сакаме Брисел, во Лесковац и Врање ни е подобро, има подобри кафани!! Бранејќи го така нашиот идентитет на “јужносрбијанци“ секако со поддршка на голем дел од нашиот народ, сите останати ги прогласивме за непријатели и почнавме да го имитираме “Ацо Србине“ на секој чекор. Тој им стана идол на нашиве политичари од владејачката партија. Почнаа да го користат истиот вокабулар, исти политички трикови и реторика, верувајќи дека така го нашле рецептот за долго владеење! А тој рецепт е дека “нема ЕУ“, нема контрола, ние ќе бидеме само патриоти, друго нема да ни треба, зошто би било поинаку? Токму затоа Александар Вучиќ на парламентарните избори победи само во Македонија, секаде изгуби! Добро се извинувам, заборавив, победи и во Врање!

Но што се случува со оваа наша политика?

Се случува Алта Банка! За жал во периодот кој следи ќе се случуваат уште многу порази на оваа “политика без политика“. Кога градите нешто без темели, само со пропаганда, со доктрина на масовно заглупување на народот, со политика која е налик на пирамидална штедилница, може да Ви се случи да се разбудите еден ден и цела држава да Ви биде Алта банка, држава пред стечај! Впрочем што може друго да очекувате од политика која не ги решава прашањата кои се суштински за опстанок и развој на оваа нација. Ништо не може да очекувате, само да се молите на бога да не Ви се случи нешто како на оние несреќни луѓе и пензионери кои не можат да си ги подигнат своите пари и пензии! Ама некој тука баш така одлучил, оваа сомнителна банка со сомнителен капитал, едноставно да добие дозвола и да стане дел од нашиот банкарски систем! Таа одлука се случила во септември 2025 година а не во октомври 2023 како што се обидоа да ни го направат тој филм. Се прашувам по кој знае кој пат, дали до толку сметаат дека Македонците ништо не разбираат? Па дури мислат дека не разбираат ниту да прочитаат еден толку едноставен записник “Информација“ од 2023 година, при што владата го овластува нашето Државното правобранителство да ги заштитува нашите интереси пред органите во Р.Србија, документ кој нема врска со никаква продажба ниту дозвола за влез на Алта Банка! Се прашувам за што го сметаат народот ако мислат дека и ова може да помине??
Протестирам кога некој ја третира мојата нација на ова ниво!!

Но почитувани, има нешто и добро што се случува околу нас и во светот. Тоа е фактот дека автократиите паѓаат и се рушат една по една, тоа е нешто добро што буди надеж дека слободата и демократијата повторно ќе дојдат на пиедесталот! Падна Орбан, падна и Вучиќ, политичката сцена се менува и кај нашиот најголем стратешки партнер САД, Европа полека ама сигурно се консолидира и обединува и убеден сум дека најстарата демократија по низа премрежија и перипетии, како и непринципиелни политики од своите членки, ќе успее сето тоа да го преброди и повторно ќе биде тоа што беше!!

Како е кај нас?

Кај нас почитувани ситуацијата е сеуште средножалосна! Македонија се уште тагува и се опоравува по поразот на Александар Вучиќ и некако споро се движат работите. Извештајот на ЕУ за минатата година е уште полош од оној претходниот. Оценките на нашите владини претставници околу овој извештај беа играње мајтап со институциите на ЕУ и пред се мајтап со претставниците на ЕУ овде во Македонија како и со амбасадорот на ЕУ. Иако објавата на извештајот пред медиумите помина во една куртоазна атмосфера, сепак беа дадени сериозни забелешки и оценки. Но она што е константа и повторно е нагласено во извештајот останува јасно, “направете ги уставните измени и не барајте други изговори“, тоа е клучот за почеток на преговорите и придвижување напред на нашата земја. Се друго е мајтапење!! Ама ние за жал се уште се надеваме на посредници кои ќе ни помогнеле да се изнајдело решение со Бугарија!! Пази богати! Тие посредници нема никогаш ништо да направат затоа што нема за што да посредуваат. Ние прашањето со Бугарија го затворивме во 2022 година и “сулудо“ е да се очекува дека ЕУ ќе посредува за нешто што самата го затворила како прашање.
“Пискотниците“ и жалопојките околу неправедноста на ЕУ спрема нас нема ништо да ни помогнат. Ај што тоа го прават владините претставници, не разбираат многу ама сакаат да ја наметнат својата политичка пропаганда, ај што тоа го прави нашата претседателка со некои досадни предавања на меѓународни настани кои не значат ништо, туку не ги разбирам оние неартикулирани пискотници во јавниот етер кај што секој си дозволува да зборува се и сешто, каде што предничат денес и не гњават баш онака “бездушно“ еден пензионер амбасадор и една пензионерка поранешна пратеничка. Овој амбасадорот вели немало да влеземе како Македонци во ЕУ, ќе сме влегле само како Бугари, ете затоа ни го правеле ова, а онаа другата пензионерка се фатила за вториот протокол ќе го “оспоравала“ пред Уставен суд, абе кога ги слушаш што лупетаат не знаеш дали да плачеш или да се смееш. Веќе немам трпение да им објаснувам по кој знае кој пат колку не разбираат и не знаат, ќе ги оставам да се брукаат веројатно им е досадно по дома!! Токму затоа почитувани, кога ќе Ви кажат нашите официјални владини претставници дека еве бараат некое решение да знаете дека само Ве мафтаат и купуваат време за да излезат на избори со аргументот дека ете останале цврсти и не попуштиле во ништо, друг аргумент немаат! Ама тој аргумент е измама кон сопствениот народ кој бара подобар живот, повисоки плати, подобро здравство, подобра иднина за своите деца!!

Нормално секој ќе си дозволи да ги толкува и чита оценките и забелешките од извештајот како што сака, но оние кои што разбираат знаат колку е часот! А колку е часот знаат и граѓаните кога ќе ги прашате како се справуваат со економската ситуација во земјата, односно дали живеат подобро од минатата година? Само прашајте ги и се ќе Ви биде јасно! Но одговорноста е кај народот! Дали ќе се разбуди како неговите браќа во соседството или нашата нација се уште ќе спие и ќе чека некој друг да и ги реши проблемите!

Back to top button
Close